9 коментари 2 мин. читање

Хакнат е Facebook профилот на Пазар3, се користи за ширење на верска и етничка омраза

Facebook профилот на еден од најпопуларните веб огласувачи Пазар3.мк моментално се користи за ширење на етничка и верска омраза, и за промовирање на сајтови кои немаат врска со огласувачот.

Веќе два дена хакер со име „Командант Тели“, ако може да се верува на поставената слика, го злоупотребува профилот на Пазар3.мк. Освен што постира навредлива содржина и линкови кои не се поврзани со огласувачот, тој го користи профилот да спамира и навредува и други фан страни.

Од огласувачот велат дека ги контактирале Facebook уште во понеделник со барање да се отстрани профилот и да се врати на правите сопственици, но моментално нема реакции од друштвената мрежа. Тие ги контактираа и МВР кои започнаа истрага, и Дирекцијата за заштита на лични податоци бидејќи е пробиен и профил на еден од администраторите на страната.

Откако хакерот ја презел контролата на профилот на администраторот, се поставил себе си како администратор и ги тргнал сите други, превземајќи целосна контрола врз профилот. Тоа што секој администратор може да ја превземе фан страната од сопственикот е еден од најголемите пропусти на Facebook за менаџирање на страните.

Од Пазар3.мк се одградуваат од сите пораки постирани од понеделик па наваму и им се извинуваат на корисниците за ситуацијата. Пазар3.мк вели дека ќе поднесе кривична тужба против хакерот за злоупотреба на податоци и нарушување на угледот. Ќе се преземат и сите правни мерки доколку се открие дека лицето е од друга држава.

„Драги корисници, се извинуваме на сите Facebook фанови за објавената содржина, но нашиот Facebook профил е хакиран и немаме повеќе контрола на истиот.“

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Коментари

9 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top