{mosimage}Во овој текст ќе пронајдете 5 совети поврзани со дигиталната фотографија кои доаѓаат од 5 македонски фотографи. Во нив се дискутира за како да го искористите правилно светлото, кои алатки ви се потребни, како да го сликате макро светот, ќе научите за техниката швенкување (panning) и слично. До името на секој фотограф ќе пронајдете линк до нивното портфолио, каде што може да ги погледате и нивните други дела и да добиете нови идеи за подобра реализација на вашите фотографии.
1. Димитар - AD-Photography (портфолио)
{mosimage}
Фотографијата во буквална смисла значи цртање со светлината, па затоа реквизитите со кои може да се контролира светлото се меѓу најважните работи за секој фотогаф. Кога се користи само природната денска светлина, најлесно применливи се разните рефлективни или дифузни платна. Во случајот овој портрет е направен на пладне (на директно сонце) но благодарение на дифузното платно, кое може да се види во очилата, нема непријатни сенки и гримаси на лицето на моделот. Затоа секогаш на сесиите носиме рефлективни платна 5 во 1 кои понекогаш се добри за доосветлување и неутрализирање на сенките, а понекогаш за дифузирање на светлото. Исто така црната страна од рефлективните платна може да се користи за нагласување на сенките, а сите 5 платна може да се најдат како добра позадина.
{mosimage}
Комбинирањето на расположливата светлина со дополнителен извор на светло, секогаш е предизвик што може да даде добри резултати. Предизвикот е уште поголем кога дополнителниот извор е прекината светлина односно блиц светло. Во конкретниот случај е користена подолга експозиција за да се долови движењето на автомобилот, и блиц светло за да се осветли моделката. Кога се комбинираат овие два различни типови на светло, важно е да се знае дека блицот се контролира со блендата и ISO вредноста, додека осветлувањето на атмосферата се контролира со времетрањето на експозицијата, блендата и ISO вредноста. На тој начин може да се постигнат интересни ефекти бидејќи јачината на блицот нема влијание на долгата експозиција. Уште една предност е што блицот го замрзнува движењето, па иако е сликано со 1/4 секунда моделот е јасен за разлика од автомобилот кај кој е доловено движењето.
Блиц главата е напојувана со струја од агрегат на бензин, а е активирана со радио контролер.
2. Иван Блажев (портфолио)
{mosimage}
"Panning" или на македонски преведено швенкување е техника на фотографирање со која се постигнува навидум контрадикторен визуелен ефект – субјектот кој се движи делува статичен или "замрзнат", а објектите кои не се движат се заматени односно делуваат како да се во движење. Овој ефект се постигнува така што фотоапаратот се движи во синхронизирана брзина со субјектот кој е во движење и со користење на затворачот подесен на спора брзина. Брзината на затворачот ќе зависи од брзината на движење на субјектот, но треба да биде доволно спора за да не го замрзне неговото движење.
Многу е важно движењето на фотоапаратот да не запре кога ќе се притисне копчето за фотографирање, туку да продолжи се додека целосно не се затвори блендата. За целото времетраење на експозицијата субјектот мора да остане на истото место во рамката (композицијата). Прекинувањето на движењето на фотоапаратот ќе предизвика заматен ефект кај движечкиот субјект.
"Panning" техниката бара пракса и вежбање, додека не се усогласат чувството за брзина и движење/следење, но кога еднаш ќе се совлада овозможува интересно визуелено решение кое ја доловува динамиката и енергијата на одредени ситуации.
3. Ана Јакимска (портфолио)
{mosimage}
Имајќи предвид дека самиот збор фотографија означува пишување со светлина, правилното насочување
на природните извори на светлина (дневна светлина, ламба) имаат голем удел во конечниот резултат. Според начинот
на кој ќе го позиционирате објектот спрема изворот на светлина, ќе добиете различни ефекти. На пример,
позиционирањето на објектот блиску до јако светло, единствено или доминантно во просторијата, ќе придонесе
за драматичен ефект со изразени контрасти и нагласени детали. Кај портретите, овој ефект прилега на фотографирањето
повозрасни личности, или личности со карактеристични фацијални црти кои сакаме да бидат особено воочливи
на фотографијата. Избегнувајте го блицот. Дури и во случаи кога нема доволно светлина, доколку вашиот фотоапарат
дозволува мануелно подесување, оставете ја блендата отворена подолго време за да апсорбира повеќе од достапната
природна светлина, притоа внимавајќи апаратот да лежи на стабилна подлога и да не се мрда додека блендата е
отворена.
4. Фросина Илиевска (портфолио)
{mosimage}
Со макро фотографијата вие сликате работи кои не би ги забележале во секојдневниот живот. Пред сé, за макро фотографија ви треба макро објектив, статив, добра светлина и доста трпение. Почнете со вежбање на фокусот, за почеток сликајте преку ден бидејќи светлината е најдобра, користете статив бидејќи вашата рака прави премногу вибрации и фокусот може лесно да ви избега и секако за крај трпение. Експериментирајте со композицијата – може да сликате капки, цвеќиња, инсекти итн. Опциите се бесконечни, но пред сé уживајте во откривањето на толку убав макро свет!
5. Огнен Бојковски (портфолио)
{mosimage}
Црвената точка… мислам дека беше бокехот од светлото на една куќа… од другата страна за композицијата, избегнувам да ми бидат централно поставени главните објекти, се обидувам и некој златен пресек да најдам… иако во оваа фотка, далеку е златниот пресек. :)) Исто така, многу луѓе не би се сложиле со мене за мислењето кое јас го имам за обработките за фотографиите, а тоа е, дека МОРА да се обработат. Јас сакам да експериментирам повеќе со Photoshop и затоа сите фотографии ми се повеќе обработени, а некои луѓе ми имаат кажано да не го правам тоа… Јас ја сакам дигиталната фотографија баш поради тие обработки, и затоа идам малце повеќе со обработките. Иначе постојат правила за фотографија – третини, половини, дијагонали… којшто мислам дека би морало да се следат, но има исклучоци. На брзинка најдов еден сајт со неколку примери за тие правила, т.е. композиција: http://www.deviantart.com/users/outgoing?http://www.colorpilot.com/comp_rules.html
Кога се прави концептуална фотографија, најбитна е идејата, замислата однапред… а после тоа ако може и да се искористат максимално расположливите елементи, т.е. импровизација на тоа што не опкружува… да не се ограничиме само на тоа што го сликаме и да заборавиме на позадината, боите и се остало…






