Од италијанското инди студио Antab Studio нѝ доаѓа cyberpunk игра која имплементира елементи на прикрадување со експлозивни пресметки во визуелно импресивен свет. Foreclosed е најамбициозниот проект на Antab Studio, но дали успева во мисијата да ги истакне на мапата како квалитетно студио или производител на наслови со генерична приказна и слаби механики?
Foreclosed е три-часовна акциона авантура во трето лице која комбинира делови со прикрадување, истражување и директна акција со огнено оружје и активирање способности.
Три работи кои нѝ се допаднаа во Foreclosed
- Преубав уметнички стил и начин на раскажување приказна која како да е произлезена од стриповите.
Во Foreclosed играте со Еван Капнос, човек кој се наоѓа на работ на одземање на неговиот идентитет. Набргу дознавате дека во неговата судбина имаат вмешано прсти исклучително моќни луѓе и потребно е да дадете сè од себе за да го зачувате идентитетот и да им се спротивставите на моќните корпорации.
Бројните punk околини, потпомогнати од богата палета од живи бои допринесуваат до исклучително уникатно искуство кое прави истражувањето на светот да биде една од најсветлите точки во Foreclosed. Со нетрпение чекавме да завршиме со неиспиративните битки само за да може да видиме на кој начин ќе продолжи стилската транзиција од еден панел кон друг. Foreclosed е најблиското нешто до интерактивен стрип, каде се користат еволуирани comic методи за раскажување приказна. Од тој аспект, Foreclosed добива уникатна визуелна перспектива.
- Нелинеарност и уникатни способности
Има одредена слобода која ви дозволува да го водите дијалогот во Foreclosed, но, уште поважно, соочени сте со два клучни избори кои значително ја расчленуваат приказната. Ова го поплучува патот за дополнително продолжување на животот на Forclosed и можности да видите што имате пропуштено при првото преигрување.
Собирање искуствени поени ви дозволува да отклучувате способности како поефикасни куршуми, соборување непријатели на земја, користење телекинеза за автоматско нишанење, и слично. Користење вакви способности ризикува да се прегрее чипот кој се наоѓа во вас, при што станувате привремено зашеметен. Нѝ се допадна експериментирањето со способностите и можностите кои ги пружаат.
- Одлична музичка подлога и звучни ефекти
Музичката подлога значително допринесува до градење уникатна атмосфера. Во ситуации на истражување, пропратни се релаксирачки звуци, додека при прикрадување, напнатоста зазема целосно нова димензија. Слично на ова, битките се пропратени со експлозивен ритам и отчукувања кои допринесуваат до тензично искуство.
Три работи кои не нѝ се допаднаа во Foreclosed
- Генерична приказна со исклучително лоша глума
Приказната остава впечаток како да е напишана со трупање што е можно повеќе клишеа, едно-по-друго. Во ниеден момент не почувствувавме како навистина да сме дел од заплетот, а лесно можеше да се предвидат одредени клучни настани. Исклучително тешко беше да се грижиме за главниот лик и, барем на тој начин, да бидеме мотивирани да ја довршиме приказната. Како дополнителен проблем, актерите кои ги позајмуваат гласовите оставаат впечаток дека повеќе би копале дупки отколку што би глумеле. Линиите кои ги испорачуваат се здодевни, монотони и неиспиративни и само дополнително ја кршат онаа имерзивност која се пружа преку уникатниот уметнички стил и музичката подлога.
- Не инспиративни прикрадување
Клучните гејмплеј механики се засноваат на прикрадување и директни пресметки. Прикрадувањето знае да биде исклучително фрустрирачко и да збунува. Во одредени ситуации успеавме да пројдеме зад непријателски линии како да е прошетка низ парк. Во други, меѓутоа, исклучително беше тешко да поминеме од точка А до точка Б, затоа што колку и да внимававме непријателот сепак успеваше да нè забележи. Постои една механика каде кога ќе се приближите зад непријател можете да му го прегреете чипот и на тој начин тивко да го елиминирате. Ова, за жал, се заснова на претискање едно копче, а резултатот е секогаш ист и не можете да ја утнете работата.
- Лоша вештачка интелигенција
Битките се пекол на сосема ново ниво. Контролите се проблематични, непријателите се она што сунѓерот е за водата и, доколку не нишаните во главата, еден непријател може да прими и до десет куршуми. Вештачката интелигенција е еквивалентна на пилешки памет во човечко тело. Штом ве видат непријателите, почнуваат да се приближуваат кон вас и да пукаат без да водат сметка за офанзивни и дефанзивни тактики. Целото искуство е непријатно и неизбалансирано, особено на почетокот, пред да отклучите одредени способности кои, пак, потоа, прават пресметките да се исклучително лесни и фрлат каков било предизвик во вода.
Завршно мислење
На прво место, Forclosed е инди игра која се труди да жонглира повеќе топки отколку што е способна. Како резултат, гејмерот се здобива со впечаток дека е втурнат во генерична приказна со неинспиративен гејмплеј. Верувале или не, Foreclosed е достапна за апсолутно сите платформи, почнувајќи со Xbox One и PS4, движејќи се преку Windows, Switch и Stadia, па сè до Xbox Series X, PS5. Дали Foreclosed би била подобра игра кога не би се трошеле толку многу ресурси на адаптација за толку многу платформи. Што доколку наместо неинспиративните аспекти со прикрадување, повеќе време е посветено на приказната и акциониот дел? Уникатниот уметнички стил и импресивната звучна подлога покажуваат дека Antab Studio имаат талентирани луѓе и не можеме, а да не помислиме каде би била Foreclosed кога би ѝ се посветило повеќе време и внимание. За жал, ситуацијата во која се наоѓа моментно, никако не ја изделува од морето слични генерични наслови на интерактивна забава.