Tetragon ви дозволува да истражувате мистериозен свет од уникатни загатки. Светот го истражувате така што скокате од една коцкаста мапа кон друга, но за да направите успешен премин, обично морате да соберете нешто од мапата што, на прв поглед, се чини дека е недостижно, барем се додека не почнете да си играте со гравитација и паметна употреба на телекинеза.
Концептот во Tetragon е крајно едноставен, но бара трпеливост, размислување и експериментирање. Имено, за да вашиот лик успее да си го најде синот, потребно е да ја користите моќта на ТetraGen за да покренувате столбови во различни вертикални и хоризонтални положби за да се отвори пат до местото до кое сакате да отидете. Од друга страна, за уште поинвентивно движење, одредени кули ви дозволуваат да ја менувате гравитацијата и целата мапа да ја вртите во различни правци, со што се менува перцепцијата и подот станува ѕид, ѕидот – плафон, и така натаму.
Ваквите механики отвораат простор за бројни експериментирања. Како резултат, играта ви дозволува да навлезете во стотици загатки, лавиринти и предизвици. Што повеќе напредувате низ мапите, тоа е повисок предизвикот и, иако играта не ве држи за рака, почетните мапи се повеќе од одлични за да ве запознаат со механиките и да ви дозволат убаво да ја разберете логиката на светот.
Минималистичкиот свет во Tetragon крие неодолив шарм. Од разлетувањето на ливчињата во зависност од тоа која страна тилтнете, преку суптилното зумирање на околината која алудира на просторна длабочина која не постои, па сè до релаксирачка музика која од петни жили се труди да стимулира изнаоѓање на решение.
Како поголеми фанови на акциони игри, би лажеле кога би кажале дека Tetragon е игра за нас, но исто така би лажеле кога би кажале дека не го препознаваме огромниот потенцијал во играта. Tetragon е одличен интерактивен продукт за оние фанови кои бараат чувство на достигнување кое доаѓа од трпеливо експериментирање и длабоко размислување. Во случај да барате игра која е во духот на The Room, The Witness и The Talos Principle, но во уникатен графички свет, тогаш Tetragon дефинитивно би била игра за вас!
[…] post Tetragon е симпатична иl… appeared first on […]