„20 минути претприемништво“ претставува серија на отворени дебати за претприемништво, организирани од ИДЕА ЈИЕ и Фондација Претприемачки Сервис за Млади (ПСМ). Станува збор за настани каде во пријатна атмосфера и релаксирано се дискутира за сите аспекти на претприемништвото, следејќи го класичниот дебатен модел со две спротивставени страни.
Идејата е да се дискутираат одредени теми во областа на претприемништвото и да се разбијат одредени митови кои постојат во македонското општество во однос на почнување на сопствен бизнис или пак основање на стартап компанија.
Целта на серијалот дебати за претприемништво е да натера што е можно повеќе луѓе, особено млади, да се охрабрат во отпочнувањето на сопствен бизнис, но притоа да ги знаат сите аспекти и фактори што можат да влијаат на успешноста на истиот.
Во првиот дел кој заврши пред неколку дена, беа одржани четири дебати на разни теми, а организаторите на настанот планираат да го започнат вториот дел дебати од септември.
IT.com.mk овој серијал ќе ви го претстави во следните четири викенда со споделување по една дебата.
Дебата #1: Македонија има услови за почнување на стартап бизниси
Првата оддржана дебата е помеѓу Димитар Османли од едукативниот центар M6 и Сашо Трајкоски од ИТЦ Групација каде што двајцата дискутираат за условите во Македонија за започнување на стартап бизнис.







