MojaGarderoba.mk продолжува да расне како една од ретките македонски е-продавници каде секој може да продава гардероба. Продавницата има 22.000 регистрирани членови, што е десет пати повеќе од кога стартуваше во 2012-та година. Сега на неа може да се најдат 130.000 поставени артикли за продажба, од кои 40.000 се веќе продадени, вели Милена Петровска која го води македонскиот сајт. MojaGarderoba.mk е во сопственост на литванската групација Kominoi која има слични сајтови и во други балкански земји.
„Во однос на дневни посети според Google може да се каже дека просекот е 3.000 и бројката варира во различни периоди на годината. На пример, пред Нова година или кога е сезона на матури имаме често повеќе посети поради оние што сакаат да се подноват за прославите без да трошат огромна сума на пари на облека“, вели Милена. Токму препродажбата го прави сајтот да биде успешен. MojaGarderoba.mk не е типична е-продавница на која одите да купите облека од брендови, туку продавница околу која има изградено заедница на обични луѓе, дизајнери ентузијасти и професионалци, кои продаваат свои креации или постари парчиња мода. Секој може да си отвори своја персонализирана продавница, и да се обиде да привлече свои купувачи.

Тоа што е можеби една од покорисните функции на сајтот е препродажбата на парчиња облека која е купена од препознатливите брендови. Така може да најдете сукњи од Zara кои не биле точни димензии кога се купени, има фармерки од Bershka, има дури и облека за миленичиња и телефони. Можеби за некој би било проблем што се продава носена или постара гардероба, иако некои парчиња се целосно нови, некои се носени еднаш, некои неколку пати. Но, пониската цена од бутиците го оправдува ова.
Фер е да се каже дека сајтот е претежно посетен од женската публика, всушност и групацијата Kominoi на својот сајт вели дека таргетира женска публика од 18 до 25 години. За машките има само една категорија каде може да најдете маици и фармерки кои се поевтини од продавниците. „Mojagarderoba.mk е првиот сајт во земјава за продажба, размена и купување на веќе користена облека. Но, имаме и многу членови што изработуваат накит, плетат модни додатоци и слично. Ова е одлична можност да се ослободите од нешто што не ви е точно или од подарок којшто не ви се допаѓа“, вели Милена.








jas imam obleka so nega nosim a je nova