(Ова е гостински пост од Ирена Ефремовска, ко-организатор на Startup Grind Skopje и менаџер за иновации во South Central Ventures)
Ова е обид искуствата од една недела во Силициумската долина да се сумираат во еден пост. Повод за мојата посета како како претставник на Startup Grind Skopje и South Central Ventures во Сан Франциско беше глобалната Startup Grind конференција на која имаше 3.000 стартапи, инвеститори и говорници како Гај Кавасаки, Тим Дрејпер, Џејсон Фрид, Марк Андрисен, Стив Бланк, Стјуард Батерфил, Дастин Московиќ… Од Македонија, присутен беше само тимот на Claxi, кој привлече внимание од неколку ангел инвеститори.
Неколку совети од глобалната Startup Grind конференција, интересни за споделување:
- Стартап светот е како онлајн дејтинг апликацијата Tinder, каде има остра конкуренција и брзина на реакција, а не како eHarmony, рече Гај Кавасаки, кој ја отвори конференцијата и сподели 10 лекции за стартапи. Тој, како и повеќе од говорниците, истакнаа дека претприемништвото е бизнис за агресивните луѓе со апетит и визија за раст. Продажбата поправа сè и е најрелевантен показател дека бизнисот функционира.
- Инвеститорите открија дека сè поинтересни стануваат компании кои „размрдуваат” традиционални индустрии, кои можеби биле регулирани и за кои корисниците плаќале многу, а не добивале врвна услуга (помислете на Uber, AirBnB…). Можни индустрии во кои се очекува „disruption” се едукација, медицина, финансии, па дури и влада…
- На тема конкуреција, заклучок е дека доколку нема ниту еден конкурент, веројатно е премногу рано да започнете со бизнис. Но, доколку има неколку компании кои се на почеток, тајминот е веројатно добар. Виртуелна реалност (VR) е тренд кој беше неколку пати споменат на оваа тема.
- Дастин Московиќ од Asana говореше за значајноста да се креира и задржи културата на продуктивност и отворена комуникација во стартапот и истакна дека е клучно да не се толерираат „токсични вработени” кои може негативно да влијаат на средината.
- Стјуарт Батерфилд oд Slack кажа дека во менаџирање на раст со толкава брзина, тој не е загрижен за производот, туку за луѓето. Откри и кои се главните вредности во Slack културата.
- Џејсон Фрид од BaseCamp имаше интересна забелешка дека валуацијата не значи ништо за вашата компанија, така што не треба да губите време обидувајки се да добиете повисока проценка од инвеститорите.
Сите видеа и лекции од конференцијата се достапни на YouTube каналот.
Што ја прави Силициумската долина тоа што е?
Тимот на Embed Social има направено интересен осврт, кој многу коректно доловува што се случува во долината. Навистина секој втор работи на стартап или во Google, Saleforce… и се возат Tesla наоколу :).
Од културата на корпорации, ми остави впечаток тоа што во ниту една од компаниите за кои прашавме (Google, Adobe, Oracle…) не плаќаат прекувремени работни часови. Главно оружје во борбата да се привлече и задржи талентот не е платата, туку различни дополнителни форми на (не)финансиска мотивација. На пример, во секоја од компаниите има теретани и спортски терени кои вработените може да ги користат секое време, кантини со најразлична здрава храна (но, само во Google храната е бесплатна), па дури и мотиватори од типот дека вработените може да добијат средства за еден месец да патуваат по светот.

Ирена Ефремовска
Голема улога играат вредностите на мотивација и доверба. Во ниту една компанија нема картички за регистрирање во колку часот вработените пристигнуваат и излегуваат од работа. Речиси секаде има опција за флексибилна работа и од дома. Паузата за ручек е во период од денот и со траење колку што работникот смета дека му е потребна. Работата на менаџерите е да водат и мотивираат, а помалку да контролираат и микро-менаџираат. Свесни дека се спори поради големината и структурата, а со цел да не заостанат со иновации, има тренд корпорациите да отвораат сопствени акцелератори, привлекуваат и инвестираат во стартапи.
Во стартап компаниите, пак, брзината е клучен фактор. Моделот „move fast and break things” функционира и преку природна селекција за кратко се гледа кои компании ќе преживеат. Тие мерат прогрес секоја недела, бидејки конкуренцијата, а и астрономски високите трошоци и „burn rate” налагаат да се расте брзо или да се затвори бизнисот. Покрај исклучителниот ИТ талент, маркетери и продукт менаџери, една од предностите е тоа што имаат пристап до ментори и многу инвеститори, кои се достапни за консултации и совети.
За крај, она што е сврзно ткиво на цела таа култура се win-win врските во заедницата. Основачите отворено даваат совети едни на други и зборуваат за предизвиците. Менторите и инвеститорите ги советуваат компаниите бидејки заеднички интерес е да успеат. Секојдневно има настани и квалитетна содржина и конекции. Да, Силициумската долина е состојба на умот и модел кој не може да се копира, но од кој дефинитивно може многу да се научи.