Пред велигденските празници, решивме да поразговараме за десет најинтересни велигденски јајца во компјутерските игри. Но, некако се потценивме самите себеси и се најдовме во ситуација каде само десет едноставно не е доволно. Поради тоа, решивме да го прошириме текстот со уште дополнителни десет. Инаку, ваквите велигденски јајца обично немаат никакви допирни точки со празникот, туку се замислени да сокријат одредени шеги, детали, или приказни за играта која ја играте, или за некој претходен, или иден наслов. Нивното пронаоѓање и исклучително тешко и знае да биде подеднакво забавно како и играње на самата игра.
Call of Duty: Black Ops 2 – Додека сте во Nuketown 2025, пробајте да ги разнесете главите на сите кукли во времетраење од 90 секунди и ќе можете да одиграте класични Atari 2600 игри на Activision од телевизорот кој се наоѓа во центарот на мапата.
Duke Nukem 3D: Atomic – Велигденското јајце во оваа игра оддава почит на телевизиската серија The Simpsons. Во претпоследното ниво, влезете во третата соба и претиснете го копчето за акција на еден од ѕидовите. Ѕидот ќе се отвори, а внатре ќе ја најдете работната маса на Хомер, дел од нуклеарната централа на Бурнс. И крофни! Еден куп крофни!
Dead Space 2 – Во случај да успеете да го пројдете најтешкото ниво во оваа игра ќе добиете крајно неочекувано оружје кое се вика foam finger, а е исклучително деструктивно и забавно за користење, особено звуците кои ги прави.
Half Life 2 – Една од најдобрите игри се одликува и со едни од највознемирувачките непријатели. Таканаречените Headcrab зомби и нивните неразбирливи плачови и јадови се всушност зборовите God Help! Help me! (Господе, помогни! Помогни ми!). Причината поради која не ги разбирате е затоа што аудио одделот ги пушта зборовите од крајот кон почетокот. Резултатот е крајно вознемирувачки.
Hitman: Absolution – Во мисијата End of the Road, се наоѓате во пустина и потребно е да одлучите дали да ја убиете вашата мета или да ја оставите сама да се справи со елементите. Постои и треба опција, вешто замаскирана во велигденско јајце. Имено, доколку ги убиете сите пет мршојадци кои кружат над вас, магично ќе се појави комбе за продавање сладолед и ќе го прегази несреќникот.
Mirror’s Edge – За време на Part D од нивото Kate, потрудете се да го погодите камионот кој излегува од аголот на улицата. Потоа, погледнете во најдалечната зграда за да видите два портокалови знаци. Зумирајте и погодете ја белата точка на десниот знак за да излезе огромен стаорец и да почне да трча низ улицата. Да. Зошто и како, не знаеме, но, го има ова во Mirror’s Edge.
Red Faction: Armageddon – Како награда за успешно завршена игра добивате оружје во форма на еднорог. Оружјето Mr.Toots пука моќни зраци во форма на виножито од, па, срам нѝ е да кажеме од каде. А, и, знаете како викаат, сликата вреди илјада зборови. :)
The Witcher 2: Assassins of Kings – Во близина на Bastille капијата ќе најдете мртoв атентатор како лежи покрај бала сено. За разлика од Assassin’s Creed игрите, овој атентатор не го преживеал познатиот Leap of Faith.
Skate 3 – Доколку ја внесете шифрата Deadspacetoo, ќе можете да играте со Ајзак, од серијалот Dead Space. Иако изгледа супер кул, тешко нѝ е да поверуваме дека ова е длабоката скриена желба на кутриот Ајзак.
NBA Jam: Tournament Edition – Верзијата на оваа игра за Super Nintendo има всушност серија од шифри кои ви дозволуваат да играте со Бил Клинтон, принц Чарлс, како и ликовите од комедијата Fresh Prince of Bel Air.