Во 2026 година, инвеститорите од регионот сè помалку гледаат на секторот како главен критериум за инвестирање, а сè повеќе на способноста на стартапите да покажат реален раст и квалитетна изведба. За Макс Гурвиц, партнер во бугарскиот фонд за ризичен капитал Vitosha Ventures, „паметните пари“ годинава одат во извршувањето, тракцијата и растот на производот.
Во интервју за IT.mk, Гурвиц исто така зборува за тоа како се менува големитната на чековите на регионалните фондови, што ги движи вреднувањата и зошто искуството на основачите станува еден од најважните фактори при инвестирањето.
IT.mk: Каде мислите дека најпаметните пари одат годинава?
Макс Гурвиц: Искрено, станува тешко да се каже нешто значајно за конкретни вертикали. Има многу интересни области, а вештачката интелигенција (ВИ) сега е слој на диференцијација што се провлекува низ сите нив, наместо како категорија сама за себе. Ако ме прашате каде одат паметните пари, би рекол дека одат во извршувањето. Ако ги погледнете нашите најнови инвестиции, но и она што го прават колегите од другите фондови, заедничкиот именител не е секторот, туку тракцијата и навистина импресивниот раст на производот. Тоа е она што инвеститорите го финансираат годинава.
Поголеми инвестиции во помал број стартапи или помали чекови распоредени пошироко?
Тоа целосно зависи од инвестициската теза, бидејќи секој фонд има своја. Во Vitosha и понатаму сме инвеститор кој се потпира на обем. Само во јуни затворивме десет зделки, а во следните неколку години планираме уште околу 70. Но, во рамки на тоа, насоката е јасна: нешто помалку зделки и нешто поголеми чекови. Нашиот просечен чек порасна од 150.000 евра во првиот фонд на 400.000 евра во вториот фонд. Истата промена ја гледам и кај голем број регионални инвеститори.
Што повеќе ги придвижува вреднувањата во 2026 година: реалната тракција, ВИ бумот или здравата економија?
Субјективните фактори, без никакво сомневање. Не станува збор само за здравата економија, туку и за географијата и, пред сè, за профилот на основачот. Последното веројатно е единствениот најголем фактор. Пред десет или 15 години, практично секоја компанија во Централна и Источна Европа што сè уште немаше ни MVP (минимално одржлив производ) можеше да собере од 50.000 до 200.000 евра за 10 до 20 проценти од компанијата. Опсегот беше многу тесен.
Денес може да имате два стартапи пред MVP фазата, од кои едниот ќе собере приближно ист износ, а другиот 2 милиони евра при вреднување од 10 милиони евра. Разликата не е во производот, бидејќи ниту еден од нив сè уште нема производ. Разликата е во тоа што вториот основач веќе изградил компанија, без разлика дали таа била успешна или не. Денес во регионот навистина имаме група луѓе со такво искуство зад себе и тоа директно се одразува на вреднувањата.
Дискусија
Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...