Зборувавме со НБРМ за сè околу криптовалутите

Последниве неколку месеци, криптовалутите имаат свои подеми и падови. Поддржувачите сметаат дека се иднината на парите, а противниците дека се безвредни.

Зборувавме со претставниците на Народната банка на Република Македонија за криптовалутите и за нивните ставови за дел од прашањата поврзани со нив.

Дали НБРМ смета дека криптовалутите се пари или дигитални добра? Кое е сегашното мислење?

НБРМ во повеќе наврати укажуваше на високите ризици кои ги носи инвестирањето, чувањето и разменувањето на дигиталните (крипто) валути или виртуелни валутни шеми.

Од теоретски аспект, посоодветно е виртуелните валутни шеми да се наречат крипто-средства. Крипто-средствата целосно не исполнуваат ниту една од класичните функции на пари:

  1. како средство за размена, односно платежно средство, тековно се прифатени од незначителен број на трговци во светот; се претпоставува дека бројот на прифаќачи на Bitcoin во светот е околу 10,000 што е минорен број во однос на 7,5 милиони ПОС терминали за платежни картички само во Европа.
  2. како чувар на вредност, цената на крипто-средствата е исклучително нестабилна; на пример кај Bitcoin, цената на 17.7.2018 година беше 6,764$, на 17.12.2017 година беше 19,361$, a нa 14.9.2017 година беше 3,287$; и
  3. како пресметковна единица, поради ниската прифатеност и исклучително променливата цена, што значи и нестабилна куповна моќ, крипто-средствата не можат да се користат за да се спореди вредноста на други стоки или услуги.

Вредноста на крипто-средствата е одредена од понудата и побарувачката, слично на концептот на пазарот на стоки. Сепак, за разлика од стоките, тие во пракса имаат многу помала употребна вредност. Кај електронските пари, за разлика од крипто-средствата, вредноста што се чува и пренесува мора да биде деноминирана во суверена валута којашто се издава од централна банка или друга власт. Крипто-средствата не се одговорност на одредено физичко или правно лице, ниту пак се поддржани од било кој орган. Создавањето на нови единици се врши со компјутерски протокол и не постои авторитет со дискреционо право да управува со снабдувањето со единици со текот на времето. Електронските репрезенти на пари обично се разменуваат во централизирани инфраструктури, каде што доверлив субјект прави клиринг и порамнување на трансакциите, за разлика од крипто-средствата, чијшто концепт е да се користат во децентрализирани инфраструктури, со директна комуникација помеѓу учесниците.

Во светски рамки сè уште не е воспоставена универзална регулаторна рамка којашто ќе одговори на предизвиците на дигиталната револуција, вклучувајќи го и регулаторниот третман на крипто-средствата. Според анализа на Блумберг од март 2018 година, од вкупно анализирани 22 земји (Јапонија, Хонг Конг, Тајван, Сингапур, Филипини, Тајланд, Индија, Јужна Кореја, Индонезија, Кина, Австралија, САД, Канада, Бразил, Обединето Кралство, Франција, Германија, Русија, Нигерија, Јужна Африка, Зимбабве и Кенија), виртуелните валутни шеми се регулирани само во Јапонија и Филипини. Кинеското законодавство забранува тргување со криптовалути, додека во сите останати земји тргувањето се одвива во т.н. „сива зона“. Притоа, со исклучок на Јапонија, регулаторите на сите анализирани земји имаат издадено предупредувања за опасностите од инвестирање во криптовалути.

Европската Унија е во фаза на анализа на постојната законска регулатива и степенот до којшто таа го уредува прашањето на крипто-средствата. Врз основа на тоа ќе се оценува потребата од преземање на координирана регулаторна акција на ниво на Европската Унија. Во заклучоците од тркалезната маса посветена на криптовалутите (од февруари 2018 година), Европската Комисија препорачува виртуелните валутни шеми и обезбедувачите на електронски паричници да бидат предмет на регулирање со Директивата за спречување на перење на пари.

Претходниот гувернер сметаше дека криптовалутите се опасност. Со оглед на тоа дека бројот на држави кои ги користат или барем ги препознаваат е сè поголем, дали има промена на овој став?

Како институција задолжена за одржување на макроекономската и финансиската стабилност во земјата, активностите на НБРМ се насочени кон зголемување на свесноста на јавноста за несигурноста и финансиските ризици коишто произлегуваат од инвестирањето во крипто-средства.

Како што претходно посочивме, крипто-средствата не може да се третираат како пари во класична смисла. Нивната вредност не е гарантирана од официјален монетарен авторитет, што ги прави предмет на финансиски шпекулации. Следствено, инвестирањето во крипто-средства е проследено со значајни ризици, вклучувајќи го и ризикот од целосно губење на инвестициите.

Имајќи ги предвид карактеристиките на крипто-средствата, како анонимни, децентрализирани шеми, коишто не познаваат географски и политички граници, крипто-средствата стануваат природен кандидат за извршување на нелегални активности, како што се дигитално перење на пари и финансирање на тероризам. Оттука произлегува и зголемениот интерес на органите за спречување на перење на пари и финансирање на терозризам кон крипто-средствата. Во таа насока беа и заклучоците на последниот самит на гувернери на централни банки и министри за финасии на Г20 земјите, во кои се дадоа насоки за унапредување на стандардите на FATF (Financial Action Task Force – тело за борба против перењето на пари и финансирање на тероризам). Дополнително, на самитот беше нагласено дека крипто-средствата поставуваат многу предизвици во сферата на заштита на потрошувачи и инвеститори, интегритет на пазарите, како и избегнување на даноци. Поради сето ова, тие може да предизвикаат нарушување на финансиската стабилност.

Генерален заклучок во светски рамки е дека се преземени мали чекори за надминување на заедничките проблеми и предизвици кои ги наметнаа крипто-средствата во глобалната светска економија и дека секоја земја сама за себе треба да го изнајде оптималното решение. Во тој контекст, НБРМ ќе продолжи да укажува на ризиците од инвестирање во несигурни и високо ценовно-волатилни инвестиции кои може да имаат негативни импликации врз финансиската стабилност на земјата.

Во Македонија единствено легално платежно средство е денарот…

Легално средство за плаќање во готовина и за безготовински плаќања во земјата е денарот. Во однос на домашните безготовински плаќања, во член 2 на Законот за платен промет дефиниран е „платен промет“ како плаќања во денари што ги вршат учесниците во платниот промет преку носителите на платниот промет и „учесник во платниот промет“ како домашно или странско, правно или физичко лице кое врши регистрирана дејност или друго физичко лице, кое врши плаќања во денари преку носителите на платниот промет; Во член 3 е наведено дека носители на платниот промет се НБРМ, банките кои добиле согласност за вршење на платен промет согласно со закон и филијали на странски банки, Трезорот при Министерството за финансии и Трезорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Според овие одредби, крипто-средствата не можат да се користат за плаќање во домашниот платен промет преку овластените носители на платниот промет.

Постојат ли опасности од користењето на криптовалути и кои се тие?

НБРМ укажа на опасностите и ризиците од користењето на крипто-средствата со издадени соопштенија кон јавноста во повеќе наврати. Ставот на НБРМ е всушност официјален став и на EBA (European Banking Authority), а со тоа и официјален став на сите централни банки од земјите членки на ЕУ во поглед на опасностите и заканите кои произлегуваат од нивното користење.  Во однос на купувањето, чувањето или разменувањето на сите крипто-средства, граѓаните се изложени кон следните ризици:

  • Не постои централна власт за регулирање на решенијата за крипто-средства и извршување на механизмите на решавање на спорови. Крипто-средствата можат да се купат директно од лица кои ги поседуваат или преку платформа за тргување. Платформите за тргување не се регулирани и во случај на прекин на функционирање на одредена платформа може да ги изгубите парите кои сте ги вложиле во крипто-средства. Клиентите треба да бидат свесни дека не постои правна заштита за средствата кои се вложени во крипто-средства. Не постои механизам во кој клиентите ќе бидат обесштетени, како што на пример тоа е случај со средствата вложени во банка која има дозвола за основање и работење, издадена од гувернерот на НБРМ.
  • Вашите крипто-средства може да бидат украдени или пристапот до нив може да биде изгубен поради губење на лозинка или клуч. Во моментот кога ќе купите крипто-средства, тие се сместени во т.н. eлектронски „паричник“ на вашиот компјутер, лаптоп и/или паметен телефон. Електронските „паричници“ имаат јавен клуч и приватен клуч или лозинка која овозможува пристап до нив. Доколку ја изгубите лозинката или клучот за пристап до вашиот eлектронски „паричник“ вашите средства се неповратно изгубени.  Електронските „паричници“ може да бидат сместени и на надворешни платформи, како обезбедувачи на eлектронски „паричници“ и берзи за размена на дигитални средства, кои се честа мета на напади на хакери. Регистрирани се голем број случаи кога клиенти изгубиле значителни финансиски средства на ваквите платформи, без изгледи за нивно враќање. Последна поголема кражба е на Coincheck платформата за размена во Јапонија, каде се украдени повеќе од 500 милиони долари, а убедливо најпознатата кражба е онаа на платформата за размена Mt.Gox-USA во 2014 година, со повеќе од 700,000 хакирани кориснички сметки и огромни финансиски загуби. Оттаму, постои високо ниво на ризик од губење на пристап до eлектронскиот „паричник“ поради заборавање на лозинката, губење на приватниот криптографски клуч, откажување на медиумот за сместување и несоодветна заштита од сајбер-напади, со оглед на тоа што нема авторитет којшто врши регулирање, советување и надгледување за сигурно и ефикасно работење.
  • Вредноста на вашите крипто-средства може многу брзо да се намали, дури и да падне на нула. Пазарот на овие крипто-средства е нестабилен. Доколку опадне популарноста на одредена дигитална (крипто) валута и нејзината вредност може лесно да се измени или да падне на нула. Доколку се генерираат повеќе крипто-средства отколку што се потребни, може да се случи клиeнтите да имааат повеќе дигитални средства во дигиталниот паричник, но тие да вредат помалку во реалниот живот.
  • Истовремено се јавуваат и предизвици кај институциите за јавни приходи за наплата на даноците од прометот направен со крипто-средствата. Агенциите против перење на пари се соочени со предизвикот во борбата против перење на пари и финансирање на тероризам со оглед на непредвидливите можности што ги даваат крипто-средствата од аспект на анонимноста на трансакциите. Трансакциите поврзани со крипто-средствата може да се користат при криминални активности, вклучувајќи го и перењето пари. Тие им нудат предност на клиентите од аспект на обезбедување голем степен на анонимност, но истовремено, тоа претставува проблем за централните банки и надлежните институции воопшто бидејќи, најчесто, трансакциите не може да се следат. Затоа токму овие мрежи на крипто-средства најчесто и се користат за трансакции поврзани со криминални активности, перење пари и финансирање на тероризам.
  • Од технички аспект, aлгоритмите за консензус и криптографска верификација бараат многу време за извршување, се појавува време на доцнење и практично го ограничуваат бројот на трансакции што може да се изврши, да се евидентира и да се синхронизира помеѓу корисниците. Големината на базата со блокови, брзината на снимање и размена и капацитетот на медиумите каде што се чува базата се дополнителни технички предизвици. Доверливоста на информацијата, финалноста на плаќањата и интероперабилноста помеѓу различни решенија не е обезбедена во скоро сите решенија за крипто-средства.

Секако едно од прашањата кои ќе бидат проблематични е што кога исплата со криптовалути е „задолжителна“. (Пример ransomware напад кој ги заклучил податоците, а хакерите бараат исплата во криптовалута). Дали во овој случај се прави кривично дело?

Препорака на НБРМ, но и на други меѓународни институции  е никогаш да не се плаќа откупот кон напаѓачите кои впрочем извршиле кривично дело и ви ги заклучиле податоците на вашиот компјутер со намера финансиски да профитираат. Доколку се плати откупот со биткоини само уште повеќе се зголемуваат апетитите на напаѓачите. Во Република Македонија треба повеќе да се работи на едукација на граѓаните за безбедна работа на интернет и истите да не веруваат на сомнителни или примамливи електронски пораки, при што доаѓа и до блокирање/губење на податоците на компјутерот.

Во Македонија полека се оформува криптовалутна заедница. Дали имате некакви контакти со нив?

Во НБРМ не сме имале посета/контакти со лицата од оваа заедница. За НБРМ, впрочем како и за останатите централни банки, анализата на крипто-средствата е неминовно врзана со нивното влијание и ризиците што може да ги имаат во контекст на остварувањето на законски пропишаните цели и функции на централната банка, како што се одржувањето на ценовната стабилност, стабилноста на финансискиот систем и обезбедување на стабилно, сигурно и ефикасно работење на системите за плаќање, порамнување и клиринг. Притоа, остварувањето на овие цели и функции не секогаш е во иста линија со целите на лицата заинтересирани за инвестирање во вакви високо-ризични инструменти.

Бројот на држави кои разгледуваат криптовалути од државите е мал, но сепак Естонија, Дубаи и неколку други држави размислуваат за ова. Кој е вашиот став за ова? Можно ли е да добиме македонска криптовалута?

НБРМ го следи трендот кој се појави кај повеќе централни банки и финансиски институции во насока на согледување на можностите да се користи технологијата Blockchain, во процесите на плаќање, клиринг и порамнување, како и издавање на дигитални валути од централни банки. Германската централна банка заедно со Германската берза развиваат проект базиран на Blockchain, во фаза на истражување – Block BASTER, којшто е развиен до т.н. доказ-на-концепт решение за плаќања и трансакции со хартии од вредност и идентификација на можностите за поедноставување на усогласувањето на податоци и регулаторно известување. Искуствата од Централната банка на Холандија кои ни се познати е дека се експериментира со употребата на Blockchain технологијата интерно во банката. STELLA e истражување на Европската централна банка и Банката на Јапонија за изнаоѓање на механизми за ефикасно управување со ликвидноста кај платните системи. Payments Canada, Банката на Канада, R3 Canada и канадски комерцијални банки во R3 конзорциум работат на проект Jasper за да се истражи примената на Blockchain технологијата кај платeн систем за големи плаќања.

И покрај брзиот напредок и прифаќање на новите технологии, значаен дел од плаќањата, како во глобални рамки, така и во Република Македонија, сè уште се извршуваат со готовина. Заради постигнување повисок степен на дигитализација на македонското општество и намалување на користењето на готовината, НБРМ, Министерството за финансии и претставниците од банкарскиот сектор изработија Стратегија за намалување на готовината во Република Македонија. Стратегијата вклучува широка лепеза на предлог административни, пазарни, едукативни и промотивни мерки, со утврдена временска рамка и носители на нивното спроведување. Со спроведувањето на Стратегијата би требало да се придонесе кон поголема употреба на ефикасни и сигурни безготовински инструменти за извршување на плаќањата, заради одржување на финансиската стабилност и здравиот банкарски систем. Во таа смисла, НБРМ ќе продолжи да ги следи активностите кои во оваа насока ги превземаат централните банки од поразвиените економии со цел да може да одговори соодветно на предизвиците поврзани со создавањето поволно опкружување за обезбедување иновативни платежни услуги и спроведувањето на монетарната политика во дигитална ера. Во контекст на идната интеграција на Република Македонија во Европската Унија и евро зоната, НБРМ особено ќе ги следи активностите на земјите од Евросистемот и мислењата и насоките на Европската централна банка во оваа сфера.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments