Нов викенд на хоризонтот и, доколку сте страствени гејмери како нас тогаш веќе планирате какви игри да ве дружат викендот. Со овој текст, ние сме тука за да пробаме да ве предомислиме и да понудиме нешто поразлично. Големи се шансите насловите кои ги одбравме за вас да ви се имаат провлечено под радарот. Тоа не значи дека сѐ од денешната понуда би требало да пробате. Имено, со некои наслови ние се мачевме за да вие не морате.
Предлог #1 – Ново DLC за Prince of Persia: The Lost Crown
Не е никаква тајна дека сме огромни фанови на Prince of Persia серијалот. Со години, Ubisoft се труди да ги ревитализира култните авантури со нашиот омилен принц. Evil Empire направи одлична работа со The Rogue Prince of Persia – roguelite кој го фалевме до небото и назад во нашата рецензија.
Тука некаде, излезе и Prince of Persia The Lost Crown, подеднакво квалитетен наслов кој повеќе се фокусира на metrodvania истражување и нудење значително поразличен визуелен спектакал. Причината поради која се навраќаме на чедото на Ubisoft Montpellier е штотуку излезеното DLC – Mask of Darkness!
На прагот на мракот
По цена од само 5 евра, додатокот нуди целосно нова приказна поврзана со Раџен, атентаторот на бесмртните. Навлегувајќи во четири целосно нови биоми, ќе се соочите со целосно нови замки и шест нови непријатели, како и три предизвикувачки босови.
На располагање имате целосно нови способности поврзани со платформскиот дел од играта, како и дополнителни борбени способности. Сево ова, уредно спакувано во нова и адреналинска приказна поврзана со извитоперени продукти на мрачни магии и вознемирувачки кошмари.
DLC-то Prince of Persia™: The Lost Crown – Mask of Darkness е достапно за сите платформи и се поклопува со најновото надополнување кое исправува грешки и го подобрува севкупното искуство.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Ubisoft Montpellier
- Издава: Ubisoft
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 17 септември 2024
Предлог #2 – Road Defense: Outsiders излезе за PS5
По година-и-пол гостување на Steam, овој акционен roguelite на Minicatus Games конечно е спремен да гостува и на конзолата на Sony. Се работи за релативно евтина игра која комбинира roguelite со tower-defense, нудејќи им на фановите на двата жанра малку поразлично, но крајно забавно искуство.
Жолто-црно виножито
Преку уникатен визуелен приказ, Road Defense: Outsiders ви дозволува да се соочувате со легија од непријатели на интересни мапи, да отклучувате најразлични надградби за вашиот арсенал од оружја и способности, но и да поставувате бројни кули. Се работи за едноставна, но крајно забавна формула. Доколку барате релаксација преку едноставни битки и адреналинска акција, тогаш ова е игра која би требало да ја проверите викендов!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Minicactus Games
- Издава: Minicactus Games
- Жанр: roguelite
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 28 мај 2023
Предлог #3: Fighting for Singleship: I am Chased by a Bunch of Women But I Just Want to Play Video Games e игра со долг наслов и огромни слатки маки!
Ех, не е лесно да се биде ерген, барем не во универзумот создаден од AV Games! Ова игра со ненормално долг наслов ве става во улога на исклучително посакуван ерген кој не може да се ослободи од легијата неодоливо слатки, но крајно агресивни жени.
Обожаван од секоја жена!
Fighting for Singleship позајмува трик-два од Vampire Survivors. Но, во оваа игра ловите значително поопасни суштества – жени! Од некоја причина, жаните сѐ што сакаат е да бидат со вас, но од некоја причина (која никогаш нема да ја разбереме) сѐ што вие сакате е да си играте игри. И ништо повеќе од тоа. Најдобро решение е во вашата тастатура. И звукот кој се прави секој пат кога ќе лупнете некого со неа. Маките во Fighting for Singleship се одвиваат на различни мапи, со бројни изненадувања во форма на корисни надградби. Среќно!
Повеќе детали за играта
- Произведува: AV Games
- Издава: AV Games
- Жанр: roguelite
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 11 септември 2024
Предлог #4 – Takeover е „нешто“; не знаеме точно што, но убаво би било да го заобиколите
Како последна игра која случајно ни беше наметната да ја провериме е Takeover. Играта ветува интересна приказна, откачена акција, како и бројни можности за прикрадување со силни женски протагонистки, но наместо тоа, добиваме неискусно дизајниран полу-печен производ кој изгледа лошо и се игра уште полошо.
Неуспешно преземање
Проблематично мени, несмасни контроли, лошо дизајнирани мапи, уште полоши механики за прикрадување и битки, како и проблематична оптимизација на енџинот. Да е играта во ран пристап на Steam, би можеле да го разбереме и толерираме ова до некаде, но, вака-како-е никако не би можеле да ја препорачаме Takeover на некого, и покрај тоа што се ветуваат кул борбени аспекти и можности за интеракција. Иако играта не е скапа, имате бесплатно демо кое би можеле да го проверите (немојте).
Повеќе детали за играта
- Произведува: Oedipe games
- Издава: Oedipe games
- Жанр: акција
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 24 август 2024