Еден од најпопуларните регионални торент сајтови – RARBG, престанува да функционира. Како дел од причините за прекинувањето се наведени војната во Украина и високата инфлација. Запирањето со работа доаѓа одненадеж, и со оглед на тоа дека претходно немало слични пораки, ова е своевидно изненадување.
Во последните десетина години RARBG беше еден од најпопуларните торент сајтови. Во јануари сајтот беше на четвртото место на листата најпопуларни торент сајтови на Torrent Freak.
Сајтот се збогува со своите корисници со кратка порака:
„Здраво дечки,
Би сакале да ве информираме дека решивме да го затвориме нашиот сајт.
Изминатите 2 години беа многу тешки за нас – некои од луѓето во нашиот тим починаа поради компликации со Ковид, други сè уште ги трпат несаканите последици од болеста – воопшто не можат да работат. Некои се вклучени во војната во Европа – НА ДВЕТЕ СТРАНИ.
Зголемувањето на цената на електричната енергија во центрите за податоци во Европа тешко нè погоди. Инфлацијата ги направи нашите дневни трошоци неподносливи. Повеќе не можеме да ја водиме оваа страница без огромни загуби, што веќе не можеме да ги покриеме од џеб.
Едногласно, решивме дека повеќе не можеме да го правиме тоа.
Жал ни е :(
Чао“

RARBG е основан во 2008 година и стана еден од најпознатите торент сајтови. На него се гледа како на бугарски торент тракер, што може и да разбирливо со оглед на тоа дека BG во името е за Бугарија. Сепак како и останатите слични сајтови и RARBG е наполнет со содржина на англиски јазик. Покрај филмови и серии на сајтот има простор и за видеоигри и за музика. Она што е карактеристично за сајтот е дека сопствениците на RARBG не им дозволуваа на корисниците сами да качуваат содржина.
Од 2020-та година RARBG е цел на бугарската полиција, иако ова не доведе до официјална акција.
Затворањето е прво на пoголем торент сајт од периодот 2015/2016-та година кога беа затворени KickassTorrents, Torrentz, и ExtraTorrent, вели TorrentFreak.








