Datally е Android апликација од Google која на корисниците им овозможува полесно да управуваат со интернет сообраќајот. Со ова корисниците ќе може да заштедат, или барем да го ограничат времето кое го поминуваат на интернет од телефон.
Апликацијата е достапна од ноември, но од неодамна Google го прошири начинот на кој корисниците може да го менаџираат интернет сообраќајот. Надградбата на апликацијата сега овозможува уште 4 нови функции за поголема заштеда, јави Google на својот блог.
Еден од новитетите е „Гостински мод“, функционалност која ќе им биде од корист на корисниците кои го позајмуваат телефонот. Наместо да им објаснувате на сите кои ви го бараат телефонот, сега може едноставно да нагодите колку „интернет“ сакате да споделите кога го позајмувате телефонот.
Дневна граница – како што кажува и името, корисникот може да постави граница колку мобилен интернет дневно сака да потроши. Ако корисникот стигне до оваа граница ќе биде предупреден, по што ќе може да стави забрана за понатамошно користење.
Забрана за пристап за апликации кои не ги користиме. Google вели дека дури 20% од интернет сообраќајот доаѓа од апликации кои не сме ги користеле повеќе од 1 месец. Наместо да им овозможиме да ни трошат интернет сообраќај без никаква корист, Datally овозможува да го блокираме нивниот пристап до интернет.
Wi-Fi мапа е функционалност која едноставно ни овозможува да пронајдеме бесплатен интернет. Секако ако сте на отворена мрежа треба да бидете внимателни со кого ги споделувате податоците.