Ако некој им кажеше на Емет Шир и Џастин Кан дека три години подоцна Twitch ќе чини речиси милијарда долари, не верувам дека и во најлудите соништа ќе поверуваа во ова. Но, веруваа дека гејмерите се моќна публика и на време забележаа дека стримовите од видеоигри стануваат се попопуларни. Го стартуваа Twitch како канал на Justin.TV, а летово го продадоа на Amazon за неверојатна цена.
Растот на Twitch е предизвикан и од се поголемиот интерес во е-спортот, па Twitch е редовен партнер на Riot Games во турнирите на League of Legends, Steam за Dota 2, Blizzard за Hearthstone и куп други игри. Сепак иако во овие турнири се достигнува најголемата посетеност, најголем број од гејминг фановите кои доаѓаат секојдневно на своите омилени канали да видат што се случува.
„Бев пријатно изненаден од публиката, посебно од македонската публика која ми е најголемата поддршка, иако каналот оди на англиски јазик“, вели Данко Димоски, кој е дел од тимот зад GG, емисија за видеогри која ќе се стрима во живо на Twitch.
Растот на Twitch го забележија Sony и Microsoft, па во своите конзоли PlayStation 4 и Xbox One ја интегрираа и стримањето на Twitch. Со глед на тоа дека стримањето не е воопшто сложено, се поголем е бројот на корисници кои ги пренесуваат своите гејмерски сесии, а некои од нив како Pewdiepie или Kungenсе вистинску Twitch ѕвезди кои прават пари од спонзори, реклами на Twitch и претплати од гледачите. Овие можности им се достапни на сите стримери на Twitch.
„За да дојде моментот кога ќе можам да заработувам од Twitch треба подолго време да работам на градење на поголема публика што оди многу споро и тешко. Платформата е веќе преплавена од луѓе од целиот свет кои си ја пробуваат среќата и дефинитивно не е лесно да се протнеш и да успееш брзо доколку не си неверојатно добар во играта што ја играш. Бидејќи мојот канал се базира на пробување на различни игри тоа ја прави уште потешка работата, ама не се жалам туку со отворени раце го пречекувам предизвикот. Инаку со многу труд и малку среќа може и тоа како да се заработат убави пари, само уште PayPal да ни ги направеше работите по едноставни“, вели Данко.
Освен Данко, најдовме уште неколку Twitch стримери од Македонија кои заедно имаат над десетици илјади прегледи на своите стримови. Меѓу нив се издвојува Јане, попознат како Umren, кој има неверојатни 259.000 прегледи на својот канал. Еве ги македонските Twitch стримери што успеавме да ги дознаеме: jegstv; ror0noa; echogaze; umren; buzdee; drdurex; vdopanteragod; еxecutefx; tramspotting. Доколку има уште, споделете во коментарите за да ги додадеме на листата.







