Бројот на преземени апликации од Google Play во изминатиот квартал за прв пат го надмина бројот на апликации кои се преземаат од конкурентскиот Apple App Store. Бројот на апликации кои се симнати од Google Play е за 10 отсто повеќе од бројот на симнати iOS апликации, велат аналитичарите на App Annie.
Сепак и покрај зголеменото симнување, кое се должи на се поголемиот број на Android телефони, Apple продолжува со доминацијата кога е во прашање приходот од апликациите. Продавницата на Apple заработува 2,3 пати повеќе од продадените апликации на Google Play, што делумно се должи и на разликите во пазарите каде уредите се најпопуларни. За Android листата на држави со најмногу преземања е составена од САД, Ј. Кореа, Индија, Русија и Бразил. Дури 70 отсто од заработката на Google Play доаѓа од Јапонија, Ј. Кореа и САД. iOS листата е составена од САД, Кина, Јапонија, В. Британија и Русија. За iOS првите три придонесувачи се САД, Јапонија и В. Британија.
Апликациите кои се најпреземани од двете продавници се игрите, со 70 отсто застапеност кај iOS и околу 80 отсто на Google Play. Следат апликациите за комуникација, алатки, забава и друштвени мрежи за Google Play, а за iOS најпопуларни апликации покрај игрите се апликациите за друштвени мрежи, музика, апликации кои ја зголемуваат продуктивноста и апликациите од индустријата за забава, односно музика и филм.
Иако заработката од апликациите за iOS во споредба со Google Play изгледа импресивно, разликата помеѓу двете продавници е значително намалена. Пред само две години Apple можеше да се пофали со четири пати поголем приход од Google Play (тогаш Android Market), а сега бројката е речиси преполовена.








