Компанијата во чија сопственост се Facebook и Instagram – Meta, за неколку недели ќе добие казна за монопол. Казната ќе и биде изречена поради врзувањето на Marketplace и Facebook, јави Reuters. Мислењето на претставниците на Европската комисија е дека спојувањето на Marketplace и Facebook им овозможило предност пред конкурентите, преку спојување на двата сервиси.
Одлуката на Комисијата не е конечна и засега е единствено драфт и би можела да биде променета пред да биде објавена.
Дополнително Meta им наметнува понеповолни услови на сервисите кои сакале да се рекламираат на друштвените мрежи, без разлика дали е тоа Facebook или Instagram.
Казната која би можела да и биде изречена на Meta е 10 отсто од глобалниот приход или 13, 4 милијарди долари. Сепак, вообичаено санкциите кои ги наметнуваше Комисијата досега беа под максималната граница.
Конечната одлука ќе биде донесена најдоцна во септември или октомври, додека со Комисијата за заштита од монопол сѐ уште претседава Маргрете Вестагер. Комисијата би можела да му наложи на Facebook да обезбеди алтернативен начин на користење за својот сервис за огласување. Новиот начин би морал да им овозможи на корисниците да го користат Facebook Marketplace без да мора да одат преку друштвените мрежи. Дополнително Комисијата ќе и наложи на платформата да престане да ги собира податоците од конкурентските платформи за да биде во подобра положба кога се натпреварува со нив.
Европската комисија не одговорила на прашањата на Reuters, а Meta смета дека тврдењата на Комисијата се неосновани.
„Тврдењата изнесени од Европската комисија се неосновани. Продолжуваме да работиме конструктивно со регулаторните органи за да покажеме дека нашата иновација на производи е пропотрошувачите и ја зајакнува конкурентноста“, вели портпаролот на Meta, Мет Полард.
Освен во Европа, Facebook Marketplace беше под истрага и во Обединетото Кралство. Друштвената мрежа поради истрагата на британската Управа за конкуренција и пазар направи серија на отстапки.