Окружниот суд во Менхетн му изрече 25-годишна затворска казна на основачот на FTX Сем Банкмен-Фрид. Тој уште во ноември беше прогласен за виновен по сите 7 точки за измама и заговор од обвинението. Носењето на пресудата е последен чин од падот на поранешниот „крал на криптовалутите“.
Осуден е за злоупотреба на својата положба во FTX и злоупотреба на средствата на клиентите. Поради злоупотребите на Банкмен-Фрид корисниците на FTX загубиле 8 милијарди долари, инвеститорите на FTX загубиле 1,7 милијарди долари, а заемодавачите во Alameda Research загубиле 1,3 милијарди американски долари.
Максималната казна која можеше да му биде изречена за седумте точки беше 110 години. Обвинителите бараа построга казна од 40 до 50 години затвор, а адвокатите побараа да биде ослободен по 6 години. На крај, судијата донесе пресуда која е некаде на средина.

Судијата Луис Каплан за време на читањето на пресудата додаде дека во својата судска кариера никогаш досега „не видел изведба како оваа“. На висината на изречената казна влијаело и убедувањето на судот дека со своите способности за маркетинг би можел да го повтори делото и во иднина.
„Знаел дека тоа што го прави е погрешно. Знаел дека е криминал. Жали што погрешно ја проценил веројатноста да биде откриен. Сепак, нема да признае ништо, што е и негово право“, вели Каплан.
Затвор за крипто кралот
Пресудата е крај на целата приказна за вундеркинд претприемачот и основачот на FTX. Крипто-ентузијастите само до пред неколку години во него гледаа човек кој ќе ја трансформира индустријата. Токму првиот впечаток со кој најголем дел од јавноста го запозна, како помалку-чуден, супер-математичар беше дел од одбраната. Адвокатите тврдеа дека СБФ не е „масовен финансиски сериски убиец“ и никогаш не сакал да ги измами клиентите. Дури и по пропаѓањето на берзата се обидувал да им ги врати средствата на клиентите на FTX.
„Се вложија навистина многу, а јас гo упропастив тоа. Ме прогонува секој ден. Жалам. Жал ми е за сѐ што се случи во секоја фаза. Требаше да направам нешто, да кажам нешто, а имаше и работи кои не требаше да ги направам“, изјави СБФ во извинувањето до колегите пред да му биде изречена казната.
Очекувањата се дека адвокатите на Банкмен-Фрид ќе ја обжалат казната, но речиси е неверојатно дека ќе има некаква промена.
FTX пред колапсот беше втора по големина крипто-берза во светот. Корисниците, во најголем дел крипто ентузијасти, секојдневно купуваа и продаваа крипто валути на берзата. На врвот, богатството на Сем Банкмен-Фрид беше проценето на околу 30 милијарди долари. Сепак крахот на криптовалутите, доведе до крах на FTX и до откривање на малверзациите кои ги правеше.
На осудата на СБФ влијаеа и сведочењата на три поранешни вработени во берзата кои го обвинија за измама. Против него сведочеше и неговата поранешна девојка Керолин Елисон која беше извршна директорка на Almeida Research. Елисон го обвини дека и вршел притисок да направи измама, пренесе CBS.







