Долго време Исламска Држава во Ирак и Сирија ги користеше друштвените мрежи за регрутирање. Постови и пораки на Facebook, твитови за споделување на агенда и мотивациони видеа за регрутирање на YouTube, од почетокот беа оружје на екстремистите.
YouTube става крај на ова. Во зависност од тоа што го пребарува, корисникот може да биде пренасочен. Така, ако некој бара видеа кои се екстремистичка пропаганда, ќе биде пренасочен на спротивните видеа, кои го критикуваат тероризмот. Содржините до кои ќе бидат пренасочени корисниците ќе ги прикажуваат вистинските услови за живот во калифатот: сведоштва на луѓе; спротивни толкувања на Исламот од она што го прикажува ИСИС и видеа од градовите кои се под нивна контрола.
Видеата до кои ќе бидат редиректирани корисниците веќе постојат и се одбрани од група уредници. YouTube ќе ја искористи вештачката интелигенција за навремено да ги пронаоѓа шемите во пребарувањата. Корисниците ќе стануваат покреативни во нивните барања, ќе пронајдат нови шеми, но вештачката интелигенција ќе ги препознава и ќе ги пренасочува.
Сепак, проектот е во рана фаза, а за реализација е потребно да се додадат неколку функционалности. Најпрво треба да се додадат нови јазици во пребарувањето. Дополнително, во соработка со експерти и невладиниот сектор ќе бидат креирани и додавани соодветни содржини, јави YouTube.
Екстремистите на ИСИС за жал одлично се снаоѓаат на друштвените мрежи. Најголемиот број на регрути својот пат од западните држави во калифатот го договараат онлајн. Пропагандата на ИСИС едно време беше далеку поуспешна, но се чини дека по поразите и онлајн пропагандата е послаба.