Кинескиот производител на паметни телефони и куп други уреди, Xiaomi го најави новиот телефон од висока класа. Секако кога телефоните на овој производител се во прашање тоа нема да го препознаете од цената, и за овој уред препорачаната цена е околу 420 долари. Засега нема податок колкава ќе биде цената кај нас, но без сомневање далеку под телефоните на конкурентите.
Најексклузивната верзија на Mi 8 ќе доаѓа во транспарентно „куќиште“. Сопствениците на овој уред од задната страна ќе можат да ја разгледуваат електрониката, или на еден дел батеријата. Цената е повисока, 580 долари, но овој уред доаѓа со 3Д сензор за лицето. Ваков сензор има iPhone X, но цената на двата уреди е неспоредлива.
Останатиот хардвер е речиси идентичен за сите телефони од највисоката класа: Snapdragon 845 процесор; 6GB RAM; 128 или 256 GB слободен простор. Екранот е 6.21 инчен AMOLED со 2.249 х 1.090 резолуција. Дисплејот на горниот дел има забец, кој се чини станува карактеристика за дел од уредите. Таму освен предната камера е сместена и инфрацрвена камера за препознавање на ликот и отклучување на уредот.
Камерите на телефонот се подобрени со вештачка интелигенција, а кога хардверот е во прашање уредот доаѓа со дуал 12MP главна камера и 20 MP предна камера.
За сите на кои телефонот им е прескап Xiaomi го претстави и Mi 8 SE. Процесорот е послаб, но е и многу помало оптоварување за батеријата. Изненадувачки Snapdragon 710 е доволно моќен за вештачка интелигенција. Цената на овој модел е 280 долари.