Излезе петнаесетата верзија од бесплатната блогерска платформа, WordPress. Станува збор за верзијата WordPress 3.2, чиј фокус е да биде побрза и полесна. Верзијата, именувана како Гершвин во чест на познатиот композитор и пијанист, за само 24 часа од пуштањето во употреба имаше 330.000 преземања. WordPress може да го симнете и на македнски од mk.wordpress.org.
Како за почеток, WordPress 3.2 има нова стандардна тема, Twenty Eleven. Оваа тема е софистицарна, лесна и приспособлива, и е всушност подобрена верзија на минатогодишната стандардна тема, Twenty Ten.

Поголема промена има во новиот интерфејс, кој визуелно е сличен на претходните верзии, меѓутоа е освежен и исполиран. Ова е прва поголема промена на интерфејсот од WordPress верзијата 2.7 од 2008 година. На сајтот на WPCandy можете да ги погледнете разликите во интерфејсот кај старата и новата верзија.
Друга новина е можноста да се пишува во нов режим, поточно на цел екран. Овој режим овозможува целосна посветност на пишувањето, без ништо да ви го одвлекува вниманието. Ова е многу корисно за сите оние кои лесно губат концентрација, и сè што им треба е само празна бела страница на која лесно ќе можат да ги запишат своите мисли.

WordPress ја тргна поддршката за Internet Explorer 6 кој е еден од најомразениот веб пребарувач. Главната причина за ова се преголемите проблеми кои Internet Explorer 6 им ги задава на програмерите.
Од техничка гледна точка, WordPress 3.2 повеќе не подржува постари верзии на PHP и MySQL. Овој чкор значи дека идните верзии на WordPress можат да бидат полесни, да ги користат новите опции на PHP 5 и MySQL 5, и да бидат подобро оптимизирани. Основните побарувачки на WordPress 3.2 се PHP 5.2.4 и MySQL 5.0.