Wikipedia наместо МАНУпедиjа

во Статии

{mosimage} Енциклопедијата за Македонија, десетина дена по објавувањето предизвика политичка расправа, палење на македонското знаме и протести, најавени за четврток. Повеќе за тоа ќе прочитате тука. Морам да напоменам дека нема да навлегувам во политички препукувања и слични коментари. Тоа што мене ми е интересно е моментот кој е во центарот на сите случувања.

Имено Татјана Петрушевска, професорка по меѓународно јавно право и право на ЕУ на скопскиот Правен факултет, изјави дека ја користела Wikipedia за извор за делот за ОНА во контроверзната Енциклопедија на Македонија.

„Наводот што предизвика најголеми бранувања е буквален цитат преземен од Wikipedia, кој на сајтот за ОНА стои со години и нема никакви интервенции во него. Дури ни во поглед на многу потешките квалификативи за ОНА како „терористичка, востаничка и герилска организација“. Намерата ми беше став, кој не е на линијата на западниот мејнстрим за улогата на западните сили во конфликтот од 2001, да биде внесен во изворно дело, кое понатаму во други, туѓи цитирања би било наведувано како извор. Зарем тоа не би требала, уште посилно, не би морала, да биде една од главните функции на првата Македонска енциклопедија“ објаснува г-ѓа. Петрушевска за Дневник.

Првата грешка на г-ѓа. Петрушевска е што не навела извор, односно дека тоа е превземено од Wikipedia.

„Таа истакнува дека сајтот не е цитиран во посочената литература од која е црпена содржината на спорната енциклопедиска одредница, но како извори се посочени текстови од дневниот печат.“ пишува
Дневник, по што Филип Стојановски реагира „не само што се прекршени условите на лиценцата под која се објавени содржините на Wikipedia (Creative Commons наведи извор сподели под исти услови 3.0), туку и праксата за пишување научни дела надвор од Македонија, каде што секој извор треба да се наведе како дел од редовната постапка.“

Втората грешка е што г-ѓа. Петрушевска можеби и не знае дека Wikipedia е отворена онлајн енциклопедија каде секој од нас може да го промени текстот и текот на историјата.

Но…. меѓу грешките на професорката, има и светла идеја. Ако г-ѓа. Петрушевска како универзитетски професор и верува на Wikipedija и референците во таа енциклопедија тогаш тoa значи дека
енциклопедијата има вредност. A таа вредност може да се искористи и да ја направиме Wikipedia да стане официјална енциклопедија на Македонија.

Знам дека ќе кажете „wikipedia не е релативна“ и дека „секој може да ја промени“… Точно. Но, и покрај недовербaтa Wikipedia е омилена енциклопедија. Да, велам омилена бидејќи таа е енциклопедијата која прва ја отвараме кога ни се потребни информации.

{mosimage}

Wikipedia е важна. Мора да е важна бидејќи е извор на академици и универзитетски професори. Нели, г-ѓо. Петрушевска?

Но почекајте малку. Britannica, најпознатата светска енциклопедија која се едитира од научници и академици, како што е и г-ѓа. Петрушевска, има план да се отвори кон кориснички генерирана содржина бидејќи нејзиниот успех и кредибилитет се загрозени од Wikipedia. Ако Britannica го почитува знаењето на „обичните“ луѓе, тогаш зошто да не и ние?

Да појасниме малку за Wikipedia. Тоа е онлајн енциклопедија до која секој има пристап до текстовите и секој може да ги едитира. Но, не е толку едноставно. Постои систем на администратори и систем за давање кредибилитет за секој поединечен автор, анонимен или со име. Систем на администраторите е тука да го доведат редот, да забранат едитирање на текстови и слично. Системот на кредибилитет е болна точка на Wikipedia, но тој проблем веќе има неколку решенија. Најновото е боење на текстовите за да се покаже веродостојноста на истите.

Wikipedia, исто така е огромен извор на додатни текстови и референци за текстовите. Значи информациите во Wikipedia не се измислени туку се извадени од друго место, книга, говор, друга енциклопедија….

„Проблемот со кој се соочува македонската Wikipedia (и воопшто
кириличните содржини) не лежи во малиот број на корисници, ами во
недостатокот на стручни кирилични содржини со кои тие можат да ги
поткрепат своите статии и кои би претставувале валидна референца за
цитирање. Беше спомената каталонската Wikipedia која е пример за јазик кој  нема држава, а моментално на неа се во
оптек околу 177.324 написи, за разлика од македонската која едвај брои
околу 30 000 статии.“ пишува Василка Димитровска, која веќе неколку години придонесува кон македонската Wikipedia.

Доколку МАНУ
ги објави онлајн книгите од каде се црпени информациите, тогаш луѓето ќе можат да ги искористат и самите да ја наполнат Wikipedia со содржина. Тогаш нема да има потреба од повикување на албанските интелектуалци на мегдан. Содржината ќе биде отворена, јавна, достапна и транспарентна.

Тоа што ја прави Wikipedia интересен и ефикасен проект е што тие информации ги генерираат луѓето.
Доколку има дигитална содржина
луѓето ќе линкаат до неа, ќе ја користат како референца со што ќе ја зацементираат веродостојноста на еден Wiki текст.

Вклучување на луѓето во Wikipedia не е нова идеја. Еве што пишува министерот за информатичко општество Иво Ивановски во својот прв твит објавен во јуни.

{mosimage}

Па г-дине. Ивановски еве начин.

Ангажирајте ги луѓето да го соберат сето знаење што го има во „МАНУпедијата“ во македонската верзија на Wikipedia. Администраторите на
македонска верзија на Wiki имаат доволно кредибилитет кај енциклопедијата, па ќе можат да ги извршат промените на текстот, да ги блокират и забранат уредувањата на критичните текстови од страна на вандали, кретени, идиоти, тролови…. ова е интернет, таквите луѓе постојат, а Wikipedia е
нивна честа мета.

Сигурно ќе биде незгодно, но, од друга страна и
Енциклопедиајта на МАНУ го има истиот ефект: палење знамиња, навреди, протести, политички игри…

Друг аспект зошто е Wikipedia подобра од печатена енциклопедија е тоа што Енциклопедијата на Македонија се работеше 10 години и чини 8.000 денари. За Wikipedia ќе треба две години, бидејќи ќе се ангажираaт многу повеќе луѓе од само неколку академици и бидејќи целиот процес е поедноставен. Колку и како се едитираат Wiki текстовите прочитајте тука во „Почетниот курс за Wikipedia".

Позитивно е што ваква дигиталната енциклопедија постојано и лесно ќе се збогатува со нови знаења. Не мора да се печатат нови книги, нови изданија и да се трошат пари за тоа.

Кога сме кај парите. Дигиталната енциклопедија ќе биде и бесплатна.
Ако им даваме компјутери и интернет на основците, средношколците и студентите зошто да не им дадеме и голема дигитална база на информации. Македонија е земја на информатичари, нели? План е да се поврзе администрацијата со дигитална база на податоци, зошто да не и знаењето?

„Замислете си свет каде секој човек на планетава ќе има бесплатен пристап до севкупното човеково знаење. Тоа е нашата цел.“ Џимбо Вел, основачот на Wikipedia.



Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk