IBM ги претстави можностите на WatsonX – вештачка интелигенција која ќе овозможи „преведување“ на код напишан од еден програмски јазик во друг. Алатката поддржува 80 програмски јазици, но фокус на оваа објава е превод на код од COBOL во Java.
„IBM изгради нов, современ, генеративен модел на вештачка интелигенција за да ги трансформира легаси COBOL програмите во деловни Java програми со висок степен на природност во генерираниот код. Покрај трансформацијата на кодот, Code Assistant го поддржува модернизирањето на апликациите во целост, и им помага на програмерите да го разберат, рефакторираат, трансформираат и валидираат преведениот код во модерна архитектура“, вели Ручир Пури од IBM за TechCrunch.
COBOL (common business-oriented language) е еден од најстарите програмски јазици. Дизајниран е во 1959 година од CODASYL. Креирањето на програмскиот јазик е дел од напорите на Американскиот оддел за одбрана за развој на програмски јазик за обработка на податоци. Има неколку ревизии, а со надградбата од 2002 година COBOL е објектно-ориентиран. Иако за прв пат е употребен пред 64 години, сè уште има корисници. Не само што јазикот и натаму е во употреба, туку неговата употреба е во пораст.
Во 2017 година имало 220 милијарди линии код кои секојдневно се користеле во продукција. Од 2022 година забележани се 800 милијарди линии код кои секојдневно се користат. Ова е изненадувачки, како поради староста на јазикот, така и поради репутацијата која ја има за неефикасност.
Сепак иако трендот е да се користат Java, Python или C, миграцијата не е едноставна, ниту евтина. Промената на јазикот за кор системите на Комонвелт банката на Австралија траеше 5 години и чинеше 700 милиони долари!
Ова е проблемот кој во иднина ќе го решава WatsonX Code Assistant for IBM Z. Алатката ќе ги надмине проблемите со модернизацијата на COBOL апликациите кои доаѓаат поради комплексноста, но и недостатокот на COBOL експерти. Вештачката интелигенција во идеален случај ќе го рефакторира кодот без да ја жртвува безбедноста или перформансите.
WatsonX препознава 80 програмски јазици, но фокусот на објавата на IBM е на COBOL. Со оглед на сумата која е спомената за модернизација за системот на Комонвелт банката на Австралија, ова веројатно и не е преголемо изненадување. Дополнително, дури 84% од клиентите на IBM користат COBOL.
Иако голем дел од работата при префрлањето од легаси COBOLT во модерна Java апликација е автоматизирано, конечниот резултат не е. На крајот сè мора да биде прегледано од безбедносни експерти кои треба да утврдат дали кодот има некој безбедносен пропуст.
Watsonx Code Assistant for IBM Z ќе биде достапен подоцна годинава, а ран преглед ќе има на TechXchange конференцијата на IBM.