Време е за нова тура од GNOME Women Outreach програмата!

во Софтвер

(ова е гостински текст од Тамара Атанасоска која беше дел од GWO програмата. Текстот е преземен од нејзиниот блог.) 

Почнувајќи од денеска, можете да аплицирате за GNOME Women Outreach програмата. Иако ќе ви објаснам како се тоа оди подетално, ѕирнете го и официјалниот пост овде.

Аплицирањето трае до 31 октомври. Ако вашата апликација биде прифатена пак, ќе бидете дел од програмата 3 месеци, почнувајќи од 12 декември, а завршувајќи на 12 март. Три месеци можеби ви изгледаат малку, но за тие три месеци ќе научите многу. Јас бев дел од оваа програма ова лето, иако под закрилата на Google Summer of Code, и можам да ви кажам дека покрај тоа што ќе станете дел од одлична заедница, ќе работите со посветени ментори од кои ќе научите многу, а и ќе стекнете непроценливо работно искуство. И секако, ќе придонесувате за развојот на слободниот софтвер, што би требало да е и мотивација сама од себе.

Ако сé уште читате, одлично, затоа што ќе дознаете една доста примамлива вест. Покрај тоа што луѓето ќе работат да ве научат подобро да програмирате, а вие ќе придонесувате во светот на слободниот софтвер, важно е и дека оваа „пракса“ е платена од разните спонзори на GNOME фондацијата, и тоа 5000 долари!

Знам дека сега сте дефинитивно заинтересирани. За оние кои можеби првпат слушаат за GNOME и програмата, кратко воведче:

GNOME е иновативна и најпопуларна десктоп околина која се дистрибуира со слободните оперативни системи, а и самата нормално е слободен софтвер. GWO програмата има за цел да привлече повеќе жени да придонесуваат во слободниот софтвер, чија бројка во моментов е сé уште мала, иако постојано расте.

Учесниците во оваа програма работат од дома, со голема помош од менторот на соодветниот проект кој ќе го изберат и тимот кој веќе работи на проектот, но и од целата GNOME заедница која е секогаш спремна да помогне, на каков проблем и да наидете.

Покрај програмерки во програмата можат да се вклучат и девојки кои би сакале да пишуваат документација, дизајнерки, а и девојки кои би помогнале во маркетингот. Проектите за кои можат да аплицирате може да ги видите овде (скролнете надоле), и слободно контактирајте било кој од заедницата или пак пратете ми мене порака ако нешто не ви е јасно.

Поважни датуми:

  • 16 септември – програмата е објавена и можете да аплицирате преку страницата.
  • 16 септември – 31 октомври – оние кои сакаат да учествуваат во овој период треба да стапат во контакт со барем еден од проектите и да ја направат својата „иницијална контрибуција“. За програмерките тоа би било решение на некој полесен баг кој вашиот mentor-to-be ќе ви го посочи, уште одма да си кажам, ништо страшно. За дизајнерките тоа може да е некој постер или пак редизајнирањето на некоја страница. Иницијалната контрибуција е симболична и има за задача да ве воведе во она кое ќе го работите понатаму. Менторите знаат дека повеќето за прв пат ќе се сретнат со GNOME API и нема да ви дадат нешто што не може да го решите.
  • 31 октомври – краен рок за поднесување на апликацијата.
  • 9 ноември – се објавуваат прифатените кандидати.
  • 12 декември – 12 март – во овој период се прифатените кандидати ќе работат на своите проекти заедно со своите ментори.

Важно е и да се напомене дека за разлика од Google Summer of Code програмата, за да се учествува во оваа програма девојките не е задолжително да се студентки.

Има уште доста работи да се зборуваат за програмата. Јас ви стојам на располагање да ве запознаам со принципот како работи заедницата, помош околу кодирањето, и секако со аплицирањето. Ако не сте знаеле, Скопје има хаклаб каде може да дојдете и да се обратите за било каква помош, каде и јас ќе ве чекам.

пишете ми меил: tamara.atanasoska20 (ат) gmail.com
twitter: http://twitter.com/#!/tatanasoska

Ви посакувам многу среќа и се надевам ќе се пријават што поголем број македонски девојчиња! Се надевам ќе имате тотално позитивно искуство како и јас.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
2 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
Andrej
Andrej
11 years ago

[youtube B-m6JDYRFvk http://www.youtube.com/watch?v=B-m6JDYRFvk youtube]

@ordanoskiv
12 years ago

Браво, бе, Тамара! Така се прави!