WiFi мрежи се забранети во Куба, но ова не спречи илјадници млади Кубанци да креираат сопствена скриена мрежа во која се поврзани илјадници компјутери во Хавана. Вака креираната мрежа, која во Куба е целосно нелегална, им овозможува на младите да разговараат со пријателите, да играат онлајн игри и да преземаат филмови, јави Associated Press.
SNet (кратенка на Street Net) е креирана без надворешна помош, благодарение на над 9.000 компјутери, со WiFi антени и Ethernet кабли кои се протегаат по крововите на куќите во Хавана. Ваква мрежа го опфаќа целиот град, но мрежата нема пристап до Интернет, иако за голем дел од граѓаните ова е единствено онлајн искуство кое го имаат. SNet започна во 2001 година со неколку поврзани во комјутери, но последниве пет години се поврзани над 9.000 компјутери, а секојдневно се поврзуваат над 2.000 корисници.
„Навистина ни е потребен Интернет бидејќи има толку многу информации онлајн, но ова барем малку не задоволува. Чувствуваш дека си поврзан со куп луѓе, разговараш со нив, разменувате фајлови“, вели Рафаек Антонио Броше Морено, 22 годишен електро-инженер кој помага во креирањето на SNet.
Кубанските власти за статусот на државата која останува една од најслабо поврзаните на Интернет го обвинуваат САД и децении долгото ембарго. Сепак САД неодамна го прекина ембаргото, па останува да видиме каква улога ќе има ова во поврзаноста на Куба. Досега жителите на Куба требаа да платат четвртина од просечната плата (25 долари) за еден час онлајн.