Годината само што започна, а веќе се појави кандидат за онлајн измама на годината. Измамник, кој со помош на вештачка интелигенција се претставувал како Бред Пит, успеал да убеди 53-годишна Французинка да се разведе од сопругот и да му испрати неверојатни 830 000 евра. Жртвата верувала дека му помага на актерот за медицински трошоци додека тој се „разведувал“ од Анџелина Џоли.
Како започнала измамата?
Сè започнало во февруари 2023 година. Французинката примила порака на Instagram од профил што се претставувал како мајка на актерот, Џејн Ета Пит. Пораката гласела: „На син ми му е потребна жена како тебе“. Следниот ден започнала директна комуникација со „Бред Пит“, кој ѝ објаснил дека неговата мајка му кажала за неа.
„Сакам да знам дали работиш во некој медиум, сакам да го заштитам својот приватен живот.“, е една од пораките која жртвата ги добила од измамникот.
Сепак, жртвата не поверувала веднаш, но со помош на слики и видеа од Бред Пит генерирани со помош на вештачка интелигенција, измамникот успеал да ја убеди дека навистина е популарниот актер. Покрај видеата и сликите дел од доказите биле и пораки од „вистински пријатели“ на Пит. Комуникацијата продолжила во следната година и пол, и се претворила во романса. Лажниот актер бил позаинтересиран за неа од сопругот, а во разводот добила 775 000 евра.
Жртвата се вљубила во измамникот. „Навистина знаеше како да зборува со жена.“, вели жртвата. Една од работите за кои зборувале со измамникот е релативно големата сума на пари која ја добила во разводот.
Најпрво измамникот и кажал дека и пратил луксузни подароци. Поради разводот со Анџелина Џоли и рекол дека неговите финансии се замрзнати, а таа ќе мора да прати 9000 долари царински трошоци.
📸🇫🇷 Voici les photos, prétendument envoyées par Brad Pitt, qui ont réussi à tromper Anne. https://t.co/rwf1QR6HLr pic.twitter.com/IJJEr14OiF
— AlertesInfos (@AlertesInfos) January 13, 2025
Наскоро ги добила првите „слики од болница“. Измамникот побарал од неа да му помогне да го плати лекувањето на бубрезите. Жртвата пратила 60 000 евра на неговиот профил во Турција. Измамникот дури креирал и лажен профил на доктор. Од него добила имејл во кој ја уверувал во лошата состојба на актерот. Ова било доволно да ја убеди жртвата.
„Скапо беше, но мислев дека можеби ќе успеам да спасам човечки живот.“, пренесе Telegraph.
Французинката била убедена дека е во врска, и го спасува вистинскиот актер, па дури и кога нејзината ќерка ја предупредила дека станува збор за измама не поверувала. Се до минатото лето кога медиумите објавија за врската помеѓу Брет Пит и Инес де Рамон. Дури и по ова измамникот и испратил исечоци од весници (секако лажни) во кои пишувало дека врската со Рамон не е вистинска и дека актерот е во љубовна врска со некоја посебна личност.
Откако започнало да снемува пари, на жртвата и пристапил нов профил на измамникот, овој пат, се претставил како агент на Федералното истражно биро. И кажал дека е жртва на измама и може да и помогне за 5000 евра. Таа повторно ги испратила парите.
На крајот, речиси на раб на банкрот се преселила кај пријател. Заедно креирале онлајн фонд за да собере средства за правната битка.
За жал штетата е повеќе од финансиска загуба. Жртвата трипати се обидела да изврши самоубиство. Сега е сместена во клиника која специјализира во помош на пациенти кои страдаат од депресија.
Раст на софистицирани измами со вештачка интелигенција
Овој случај е добар потсетник за тоа колку опасни можат да бидат онлајн измамите, особено кога се комбинираат со напредна технологија како вештачка интелигенција. Сè почесто се користат алатки за генерирање реалистични слики, видеа, и аудио содржини. Нив измамниците ги користат за манипулација и убедување на жртвите. Овие технологии овозможуваат креирање на комплетни идентитети, кои се користат за да се убедат жртвите дека не станува збор за измама.
Важно е луѓето да бидат едуцирани и свесни за овие ризици и да преземат мерки за заштита. Никогаш не треба да се доверуваат на лица со кои комуницираат исклучиво преку интернет, без да имаат цврсти докази за нивниот идентитет. Очигледно, во време во кое генерирање на слики, аудио содржина или видео се прави за неколку минути, овие докази повеќе не се доволни. Дополнително, треба да се развива свест за предупредувањата за измама, како што се барање пари за итни случаи или емоционални манипулации.
На крај, ова е потсетување, но и предупредување за сите нас. Зад секој екран може да се крие личност со сосема поинакви намери од тие што ги претставува. Само со претпазливост, информираност и свесност за опасностите, можеме да ја заштитиме нашата приватност и безбедност во дигиталниот свет.