Интерпол спроведе досега најголема акција против сајбер-криминал во Африка. Акцијата заврши со апсење на 1006 осомничени од 19 земји. Операцијата „Серенгети“, која траеше од 2 септември до 31 октомври, го покажува порастот на овој тип криминал, со десетици илјади жртви и финансиски загуби од речиси 193 милиони американски долари.
Интерпол соработуваше на акцијата заедно со Африпол, полициската агенција на Африканската унија која е пандан на Интерпол. Операцијата беше насочена кон групи кои стојат зад рансомвер напади, компромитирање на деловни имејл сметки, дигитално изнудување и онлајн измами
Нов стандард за борба против сајбер-криминалот
Резултатите од операцијата значително ги надминуваат минатите иницијативи, со повеќе од 35 000 идентификувани жртви. Во изминатите две години, слични акции на Интерпол резултираа со само 25 апсења, што го прави успехот на „Серенгети“ драстично поголем.
„Од измами со мултилевел маркетинг до измами со кредитни картички од индустриски размери, забрзаното зголемување на обемот и софистицираноста на сајбер-криминалот е причина за сериозна грижа.“ вели Валдеци Уркиза, генерален секретар на Интерпол.

„Операцијата Серенгети покажува што можеме да постигнеме со заедничка работа, а само со овие апсења ќе бидат спасени безброј потенцијални идни жртви од вистинска лична и финансиска штета. Знаеме дека ова е само мал дел, поради што ќе продолжиме да ги таргетираме овие криминални групи насекаде.“, вели Џалел Челба од Африпол.
Локални и регионални акции
Операцијата вклучи интервенции и акции во неколку земји, од кои некои се особено големи. Во Кенија, полицијата реши сложен случај на измама со кредитни картички кој довел до загуби од 8,6 милиони долари. Осомничените користеле хакерски техники за манипулација на банкарските системи, а парите потоа биле префрлувани преку SWIFT во ОАЕ, Нигерија, Кина и дигитални платформи за тргување. Во Сенегал, беа уапсени осум лица, меѓу кои и пет кинески државјани, кои организирале пирамидална шема вредна 6 милиони долари. Шемата имала 1711 жртви. Запленети се 900 SIM картички, лаптопи и лични документи на жртвите.
Во Камерун, властите разбија група која користела „членарини“ за да привлекува жртви. За надоместок (членарина) на жртвите им била ветувана работа во Камерун. Откако ќе се најделе во Камерун, жртвите биле затворани и принудувани да регрутираат нови членови за да бидат вратени на слобода.
Во меѓународна операција во Ангола е растурен синџир кој водел виртуелно казино, измамувајќи стотици луѓе. Истрагата доведе до 150 апсења и запленување на повеќе од 200 компјутери.
Што понатаму?
„Серенгети“ не само што ги таргетираше постоечките криминални мрежи, туку и ги надгради капацитетите на локалните полициски сили, благодарение на помошта од приватниот сектор и меѓународни партнери. Компании како Kaspersky и Trend Micro помогнаа во анализа и запирање на активностите на криминалните мрежи.
„Нашиот фокус сега е насочен кон нови закани како злонамерен софтвер базиран на вештачка интелигенција и напредни техники за сајбер-напади,“ додава Џалел Челба, извршен директор на Африпол.
Операцијата „Серенгети“ е добар потсетник дека единствено глобалната соработка може да донесе конкретни резултати во борбата со сајбер-криминалот.