FlexClip е бесплатна алатка која ви дозволува да комбинирате фотографии, видеа и музика. Како резултат, професионално изготвено видео би можело да ги презентира вашите идеи на уникатен начин и да генерира значително поголем интерес.
На официјалниот сајт, имате на располагање бројни, веќе направени комерцијални видеа кои можете да ги прегледате или искористите за некои ваши потреби. Доколку сакате да започнете целосно ново видео, потребно е да креирате сметка. Имајте во предвид дека FlexClip функционира само преку прелистувачот Google Chrome, што знае да биде проблем за оние кои користат некоја друга алтернатива.
Иако употребата на FlexClip е исклучително едноставна и не бара големи предзнаења, сепак бара инвестирање време, не само за подетално запознавање со елементите, туку и при изготвување визуелно привлечен финален продукт. За такво нешто би можеле и да се консултирате со прирачникот кој детално ги објаснува скоро сите процедури кои ви се достапни преку алатката.
Во изработената комбинација од видео материјали и фотографии, можете да додавате динамични текстуални анимации кои значително го привлекуваат вниманието на гледачите, како и да вметнете соодветна музичка нумера. FlexClip доаѓа со огромна библиотека од фотографии во висока резолуција и без авторски права, а нивното комбинирање со ваши мултимедијални податоци дополнително олеснето преку користење на нивни, претходно изготвени урнеци.
FlexClip ги поддржува најчесто користените видео формати и фотографии, но финалниот продукт, иако може да биде во висока резолуција, заклучен е во MP4 форматот.
Независно од вашите потреби, FlexClip се чини како интересна и релативно моќна алтернатива за создавање видеа или комбинирани презентации кои подоцна можете да ги споделувате со вашите следбеници, посетители или членови од семејството.
FlexClip нѝ беше препорачан од претставник на PearlMountain, компанијата која стои зад алатката.