{mosimage}Владата на Република Македонија ја согледа потребата од изготвување на Национална стратегија за развој на широкопојасен интернет, покрај веќе постоечките стратегии за електронски комуникации со информатички технологии и за развој на информатичкото општество.
Владиниот портпарол Ивица Боцевски на денешната прес-конференција рече дека
основни столбови на новата Стратегија ќе бидат правната рамка, која ќе обезбеди
целосно либерализиран и конкурентен пазар, поволна политичка, економска,
социјална, техничка и даночна околина, развој на понудата, како
и развој на побарувачката преку користење на услугите и содржините од
разни типови на корисници.
Како носечки столбови на Стратегијата, Боцевски ги посочи и подигањето на
јавната свест кај граѓаните од корисноста од информатичките технологии,
инвестирањето во истражувањето, како и воведување на нови иновации и
широкопојасен интернет како алатка за децентрализиран економскио развој и
развој на транспарентна и одговорна локална и национална власт.
{mosimage}
Владиниот портпарол рече дека се очекува Национална стратегија за
широкопојасен интернет да биде изготвена од соодветните служби на
Министерството за транспорт и врски и на Секретаријатот за информатичко
општество и да биде усвоена до крајот на 2008 година.
– Зголемувањето на продуктивноста и на Бруто домашниот производ се директно
поврзани со развојот на информатичкото општество во една земја, рече Боцевски,
посочувајќи дека во земјите членки на Европската унија 25 отсто од
растот на БДП и 40 отсто од растот на продуктивноста е резултат од
употребата на информатичко-комуникациските технологии.
Тој додаде дека клучно за изготвувањето на оваа стратегија е вклучувањето
на сите релевантни чинители за рзавој на информатичкото општество во Република
Македонија, како што се граѓаните, бизнис заедницата, невладиниот
сектор, домашните и меѓународни консултанти, како и
обезбедување средства и неопходна инфраструктура.
Според Боцевски, донесувањето на новата Стратегија има за
цел да овозможи и развој на трговијата во ерата на
глобализацијата.






