Diolingo е феноменална апликација за учење странски јазици, но доколку сакате да се префрлите во математички води, тогаш Duolingo Math е апликација само за вас, под услов да имате iOS направа…
Duolingo Math ја препорачуваме ем на учениците од основно одделение, ем на повозрасните лица кои сакаат секојдневно да ги тренираат сивите ќелии! Преку апликацијата се се решаваат најразлични класични задачи како одземање, собирање, делење или множење.

Се почнува едноставно, но како напредувате низ нивоата, така овие едноставни операции се користат за осмислување комплицирани математички проблеми кои се прикажуваат од различни агли. Да бидат работите уште подинамични, имате на располагање Speed режим кој ве охрабрува што побрзо да дојдете до конечното решение.

Низ нивоата се нудат и вежби со дропки, а тука и таму ќе наидете и на најчестите проблеми поврзани со тригонометријата. Голем дел од вежбите се забавни. На пример, една игра бара одредени дропки да поврзете со нивната соодветна визуелна презентација, друга игра бара да искористите понудени броеви во одреден редослед за да го добиете бараниот резултат, а трета игра бара да го изберете точниот процент од неколку понудени.

Во Duolingo Math се употребуваат слични механики како тие за учење јазици и доколку за нешто се збуните, апликацијата ќе запомни и често ќе ви го сервира истиот проблем се додека не го надминете.







