Вештачката интелигенција го замрзна Холивуд, актерите се приклучија на штрајкот на сценаристите

Avatar img-thumbnail img-circle

во Вести

Од денес актерите и официјално им се приклучија на сценаристите. Здружението на филмски актери – Американска федерација за телевизиски и радио уметници и филмските студија не успеаја да пронајдат решение, па актерите се приклучија на штрајкот на сценаристите кој трае веќе два месеци. Ова е прв пат по 1960-та година актерите и сценаристите да штрајкуваат истовремено.

Вообичаено штрајковите во Холивуд се за порамноправна поделба на парите. Така е и овој пат, но интересно е што во фокусот за прв пат е и вештачката интелигенција. Преговарачите не успеаја да се договорат за креирање на рамка околу тоа како ќе биде дозволено користењето на вештачката интелигенција. Дополнително филмските студија барале начин да си овозможат да ги користат дигиталните ликови на статистите во идни изданија.

Според она што протече од преговорите холивудските студија сакале на дел од актерите да им платат дополнителни 200 долари за употреба на дигиталната сличност за вештачка интелигенција. Овие права, требале да бидат отстапени на неопределено време, тврди претставник на синдикатот на актери.

„Револуционерниот предлог кои ни го претставија вчера е нашите статисти да можат да бидат скенирани, да добијат еднодневна плата и потоа компаниите да ги поседуваат правата на нивниот лик, нивната сличност и да може да ги користат засекогаш, на кој било проект сакаат, без да треба да побараат согласност и без никаков надомест. Ако мислите дека ова е револуционерен предлог, предлагам да размислите повторно“, вели Данкан Кребтри-Ајрланд, претставник на актерите во преговорите со филмските студија.

Статистите кои работат на филмовите заработуваат значително помалку од познатите актери. Сепак, станува збор за работа која е влез во актерската кариера. Статистите се запознаваат со луѓето од индустријата, гледаат како функционираат сетовите, се здобиваат со неопходно актерско искуство. Ако планот на студијата е да ги заменат овие актери со дигитални ликови генерирани од вештачка интелигенција, тогаш и „влезот“ за нови актери ќе биде многу потежок.

Дел од актерите кои ќе бидат први погодени од потенцијалниот влез на вештачката интелигенција се гласовните глумци. Наместо глумци, следните цртани филмови или аудио книги можеби ќе бидат читани од синтетизиран глас. Покрај ова, вештачката интелигенција веќе се користи за „подмладување“ на повозрасните актери.

И сценаристите се загрижени од употребата на вештачка интелигенција

Алатките кои генерираат текст како ChatGPT или Bard се една од грижите на сценаристите. Дел од нивните барања се ограничување на употребата на алатки како овие. Промените кои ги побараа предвидуваа дека нема да може да бидат приморани да работат или да бидат заменети од вештачката интелигенција. Ова е споделено и во барањето кое го испрати синдикатот на сценаристи во преговорите.

„Уредување на употребата на вештачката интелигенција на MBA-проекти: вештачката интелигенција не може да се користи за обработка на пишан материјал; не може да се користи како изворен материјал; содржина покриена со MBA не може да се користи за обука на вештачка интелигенција“.

Претставникот на филмските студија го одби обој предлог и наместо него предложи годишни средби на кои ќе може да се разгледува напредокот на технологијата.

Како ќе влијае штрајкот на сериите кои сакате да ги гледате

Штрајкот на сценаристите ги погоди единствено сериите и филмовите за кои не беа готови сценаријата. На пример до оваа недела епизодите на Rings of Powers се снимаа и покрај штрајкот. Сепак откако на штрајкот се приклучија и актерите, снимањето е запрено. Слична е и ситуацијата со новите сезони на House of Dragons, The Sandman, Slow Horses, Family Guy, The Simpsons…

Од претходно е запрена работата на Stranger Things, The Last of Us, Yellowjackets и Yellowstone.

Филмовите и сериите кои се во постпродукција нема да бидат погодени. Засега може да продолжи работата на сапунски серии (некои од нив имаат различни договори), реалити шоуа и квизови.

Одговорот на филмските студија е зголемување на содржината за која не е потребно сценарио или глумци, како The Masked Singer, The Amazing Race, Survivor и Kitchen Nightmares…

Штрајкот на сценаристите до сега трае 11 недели. Во минатото овие штрајкови траеле од неколку часа, до неколку месеци. Последниот штрајк на актерите пред 15 години траеше 100 дена, а финансиското влијание е проценето на 2 милијарди долари, пренесе Al Jazeera.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk