0 коментари 2 мин. читање 7 јуни, 2017

Управувајте го компјутерот со вашиот глас

Гласовно управување со компјутерот е далеку од новитет, но она по што се разликуваат таквите асистенти денеска е поголема флексибилност во разбирање и извршување на комплексни команди. Иако со последното надополнување за Windows 10, Cortana стана уште подобра, милозвучната асистентка, и понатаму одбива да ја послуша вашата гласовна команда за исклучување, рестартирање или одјавување од системот.

Agnitio е релативно нов програм кој од март наваму успешно се поставува како солидна алтернатива, не само за Windows 10, туку и за 7 и 8. Покрај послушно извршување гласовни команди за исклучување и одјавување, Agnitio успешно се покорува и на барањата за покренување системски алатки како Notepal, Command Prompt, Disk Cleanup или Event Viewer. Згора на ова, лесно ќе можете и да вклучите некој од популарните прелистувачи, како Chrome, Firefox, Opera, Edge или Internet Explorer,  и да започнете гласовни пребарувања. Најновата верзија, од 20.мај, ви дозволува да покренувате и плеер за музика, имплементира напредни безбедносни филтри за блокирање несоодветни содржини и исправа багови.

Agnitio тежи скромни 1.4MB и е моментно во бета развојот

Во поглед на „недостатоци“, би ја истакнале неможноста гласовно да се затворат претходно отворените прозорци, како и немање поддршка за вметнување ваши дополнителни команди. Згора на тоа, одредени корисници изјавија загриженост за преголемата осетливост која на моменти знае да отвори јазичиња за прелистување или пак да започне процес на исклучување на компјутерот, иако вие сте во сред работа, а тоа никако не сте го побарале. Со оглед на тоа дека програмот е релативно нов и сè уште во бета, поголемиот дел од забелешките би можеле целосно да бидат искоренети во иднина.

Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top