Тимот на средното училиште „Михајло Пупин“ е еден од победниците на Ultimaker натпреварот. Матеја Вељковиќ, Андреј Трајковски, Петар Георгиевски под менторство на Даниела Сандева се претставија заедно со 250 други натпреварувачи. Како победник на натпреварот училиштето е добитник на Ultimaker 2+ 3Д-печатар.

„Оваа награда ќе ја модернизира наставата (ќе може да се изработуваат нагледни средства, разни предмети, ќе се работи со новитети кои за жал во јавните училишта инаку не се достапни) и ќе ги инспирира учениците за понатамошни успеси. Сигурна сум дека и самите ученици ќе дадат нови идеи за користење.“, вели професор Санева.
Учениците претставувајќи го својот проект успеаа да победат многу поискусни натпреварувачи. Матеја, Андреј и Петар се ученици во III година. Нивниот проект е „DRINK MIXER 9001“, полуавтоматизиран процес за мешање на два пијалаци. Идејата започна како предизвик, но резултираше со огромен успех.
На Ultimaker-овиот предизвик имаше пријавено 250 проекти од факултети и училишта од цела Европа. Само од регионот (Србија, Босна, Црна Гора и Македонија) учествуваа 35 градови , 84 училишта и факултети со 61 проект. Победниците беа прогласени на “BETT 2017” – саем на Европско ниво за примена на иновативни технологии во наставата од страна на меѓународно жири.








