Twitter конечно се реши да излезе на берза под ознаката TWTR, со план да собере 1 милијарда долари кои ќе ги искористи да привлече нови корисници, и да ги исплати вработените и раните инвеститори. Но, друштвената мрежа која е една од повлијателните сервиси за добивање информации во реално време и граѓанското новинарство, сепак губи пари. Twitter успеа да ги дуплира приходите на 254 милиони долари во првите шест месеци од оваа година, но забележа загуба од 70 милиони долари поради поголемите трошоци. Проблем е што цените за рекламите на мрежата опаѓаат, а се намалува и растот на корисниците, пишува Wall Street Journal. Twitter во моментов има околу 210 милиони корисници, а според вредноста на акциите, мрежата се вреднува на 9,7 милијарди долари.
Еден од потенцијалните проблеми на Twitter е што е малку поразличен од другите друштвени мрежи – Twitter користи пораки од само 140 знаци – па аналитичарите сметаат дека мрежата ќе има потешкотии да се објасни пред мејнстримот и пред огласувачите. Ова посебно важи за огласувачите надвор од САД. Од севкупниот приход на Twitter, дури 75 отсто доаѓа од САД, иако три-четвртини од корисниците се од други земји. Како за споредба, Facebook кој излезе на берзата во 2011-та година, веќе имаше приходи од 3,7 милијарди долари, и неверојатен профит од 1 милијарда долари. Но, за разлика од Facebook кој се мачи со мобилното присуство, Twitter веќе заработува 65 отсто од своите вкупни приходи од паметните уреди.
Our S-1 will be filed publicly with the SEC momentarily. This Tweet does not constitute an offer of any securities for sale.
— Twitter (@twitter) October 3, 2013
Не треба да се заборави дека Twitter постои само седум години и е втора најпопуларна друштвена мрежа во светот. Покрај рекламите, или како што се нарекуваат „промотивни твитови“, Twitter заработува со лиценцирање на јавните твитови од корисници, кои им ги отстапува на компаниите да ги анализираат за вести и трендови. Скоро 15 отсто од вкупнот приход, или 48 милиони долари, доаѓа од тој бизнис. Веќе некое време има вести дека Twitter размислува да прави пари од телевизиската индустрија така што ќе ги искористи бројните кориснички дискусии кои се водат за време на ТВ настаните.
За Twitter, тие сè уште се „компанија со раст“, дури и со 500 милиони твитови на ден.