На 6-ти јуни 2011 година, за време на прослава на ВМРО за победа на изборите, беше објавен твит во кој се прашуваше – дали некој бил сведок на убиство на плоштадот Македонија? Никој не знаеше што се случува, никој не знаеше за кого станува збор, ниту пак властите знаеја што да одговорат, медиумите не знаеја што да прашаат и објавија погрешно име. По два дена во темно, твитерџиите излегоа на протести барајќи крај на полициската бруталност и откривање на убиецот на 21-годишниот Мартин Нешковски. Без упорноста и инаетот на корисниците на друштвените мрежи, можеби никогаш немаше да се разреши убиството.
Против граѓанскиот протест на твитерџиите, на кој му се приклучија и други луѓе главно поттикнати да излезат на протест преку друштвените мрежи; застана власта и про-владините медиуми кои демантираа било какво убиство, велеа дека беше несреќен случај, велеа дека протестите се монтирани од опозицијата, велеа дека член на СДСМ убил член на ВМРО. Дури имаше и контра-протести. Но, протестите продолжија за после неколку недели убиецот Игор Спасов, член на обезбедувањето на премиерот, на крај да заврши во затвор. Сепак, твитерџиите не беа задоволни од одлуката бидејќи низ протестите сфатија дека власта се обидува свесно да го заташка случајот. Тогаш таа теорија звучеше само како теорија на заговор, на идеја излезена од гнев.
Денес беше најболната #бомба …
— Госпоѓица (@ZenskiPrikazni) May 5, 2015
Денес, четири години подоцна, беа објавени нови снимки од во аферата со прислушување #бомба. Лидерот на опозицијата Зоран Заев објави наводни снимки од разговори помеѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и одредени соговорници во кои се зборува за убиството. Во тие снимки се слуша тоа што твитерџиите веруваа дека е вистина, но во кое им беше страв да веруваат бидејќи власт која се обидува да сокрие убиство е власт која е способна да направи било што.
Јанкуловска морала да пие лексилиум.
Татко му на Нешковски пак, се напи солна киселина.
Доста е луѓе, стварно е доста.
#бомба #протестирам
— Ines Efremova (@Inna_E) May 5, 2015
Тие снимки откриваат дека власта се обидува да го сокрие убиството, како преку про-владини медиуми да се сокрие фактот за убиството, како да се намали штетата врз власта, како да се скрие фактот дека убиецот е дел од обезбедувањето на премиерот; но и неверојатни окарактеризувања на младиот Мартин дека бил „џанкер“ и дека првин сам паднал, и тоа што бил удрен и починал, едноставно „се случува“ според министерката Јанкуловска. Иако власта работеше на затајување на случајот, на снимките се слуша како постепено стануваат свесни за тежината на случајот, за на крај да констатираат дека убиство не може да се сокрие.