Encyclopaedia Britannica ќе претстави iPad апликација која ќе ги содржи сите текстови и информации и ќе чини само 2 долари месечно, или 24 долари годишно. Ова е далеку поефтино од веб верзијата која чини 70 долари годишно (кој плаќа за веб ја добива и iPad апликацијата бесплатно), и многу, многу поефтино од принтаната верзија која чини 1.400 долари.
Секако Britannica стартува онлајн апликација за да привлече публика и да остане релевантна енциклопедија, откако Wikipedia стана место каде над 300 милиони луѓе месечно одат да дознаат информации во 282 јазика.
Секако Wikipedia иако е бесплатна, сепак се основа на волунтерско едитирање, додека статиите во Britannica ги пишуваат експерти. Но, токму поради тоа што ја пишуваат експерти и што е потребно време за ревизија на статиите, Britannica има само 140.000 статии. Велам „само“ бидејќи Wikipedia има над 3.7 милиони статии само на англиски јазик (Википедија на македонски пак брои над 50.000 статии). Бидејќи е лесно да се додадат и уредуваат, меѓу текстовите на Wikipedia има и бројни статии за секојдневни настани и популарната култура кои нема да се најдат во Britannica. Но, како и секогаш точноста на тие статии е дискутабилна. Можеби на крај се сведува на колку и верувате на енциклопедијата за да ја користите како референца.
Според All Things D, кои ја најавија апликацијата, Britannica за iPad ќе се појави во наредниве недели, а ќе следува и iPhone и Android верзија.







