Камерон Адамс, Дханџи Прашана и Јохен Бекман имаат намера да го сменат начинот на читање електронска пошта, и тоа на подобро. Тие тврдат дека со нивниот сервис Fluent вие ќе можете за 20 отсто побрзо да поминете низ купиштата пошта што несомнено ви го полни вашето сандаче додека ја читате оваа статија.
Fluent ќе биде клиент за читање на електронска пошта што можете да му пристапите преку интернет прелистувач, исто како и со Gmail, Hotmail, Yahoo, но со неколку поголеми разлики. Тројцата развивачи на Fluent претходно работеа на Google Wave, и го напуштија Google кога Google Wave сервисот беше откажан.
Една карактеристика што овој сервис го одвојува од другите, според нив застарени имејл сервиси, е тоа што може да ви ја прикаже вашата пошта во Facebook формат, т.e. да ви ја прикаже преку стрим, исто како фидот за вести на Facebook. Така ќе можете директно да прочитате повеќе од електронската пошта, без да влегувате во секоја посебно за да прочитате за што се работи.
[youtube]Z07MnBf9QNY[/youtube]
Исто така дечките од Fluent ја посочуваат способноста на нивниот сервис инстантно да пребарува низ пораките, додека вие пишувате, исто како што прави Google со нивниот Google Instant Search. Дури и листање на фотографиите што се закачени на вашата пошта нема да ви одзема премногу време затоа што тие се прикажани како slide show.
Овој сервис, кога ќе се заврши и понуди за јавно користење, ќе може да соработува со вашите сметки на Gmail, Yahoo или Hotmail, со тоа што едноставно ќе ги поврзете тие сметки со вашиот Fluent клиент.
Веќе постои сличен алтернативен имејл клиент со значително повеќе еволуирани можности отколку веќе ортодоксните Gmail, Hotmail, Yahoo наречен ZeroMail што се труди со паметно модерирање на содржините на вашата електронска пошта да ви помогне со преполниот инбокс. Покрај автоматската умерена модерација на електронска пошта, ZeroMail има поминимален кориснички интерфејс и некои помали интересни функции како на пример компресирани поздрави, кај што поздрави како „Здраво Дамјан” стануваат посиви, за да се даде предност на содржината на електронската пошта.
Ако сакате да го испробате нивниот сервис, повелете тука на кратка интерактивна демонстрација на Fluent.







