Една од подобрите акциони roguelike платформери конечно излезе од раниот пристап на Steam. И е подобaр од кога и да е, факт со кој се сложуваат 90% од играчите на Steam. Со толку висок број на позитивни рецензии, безбедно е да се каже дека чедото на Angry Mob Games е вистински успех. Дружејќи се и ние со играта со денови, не би можеле повеќе да се сложиме со ваквото мислење.
Предизвикувачка, но крајно забавна формула
Традиционално за игрите кои комбинираат елементи на roguelite и Metroidvania, Trinity Fusion нуди уникатна платформска акција во која често ќе умирате, ќе учите од таквите порази и, со текот на времето, ќе располагате со доволно вештини, изоштрени рефлекси и знаење да се искачите на врвот.
Првите неколку ранови ги започнувате со еден лик, а подоцна ги отклучувате и останатите две хероини. Секоја од девојките се наоѓа во посебен универзум, а целта е да успеете да ги поврзете една со друга, да ги извлечете во еден заеднички хаб, и потоа да ги фузирате една-во-друга за да извлечете максимум од нивните уникатни способности. Од тука и самото име. Trinity Fusion обработува тема на мулти-универзуми, скокање низ три уникатни светови кои се создаваат запазувајќи елементи на случаен избор.
Хероините со кои играте имаат два основни напади. Првиот напад се потпира на користење ладно оружје, а вториот напад, во зависност од ликот, може да биде или ладно оружје, или магија, или огнено оружје. Ни се допадна како се врзани првиот со вториот напад и мора да го користите првиот напад за да се полни скалата за ограничена употреба на вториот напад. Ова пружа бројни можности за експериментирање, размислување на лице место и употреба на најдобри комбинации за ефикасна ликвидација.
Низ сево ова, вашата хероина ќе скока, ќе се провлекува низ воздухот и ќе избегнува напади како техно-нинџа. Од време на време, ќе наидува на нови оружја, моќи, способности или ресурси.
Оружјата и моќите се на исто ниво како и нивото на непријателите, а способностите ви даваат привремени пасивни или активни бустери, како поголемо здравје, или активација на бомби при успешно избегнување напади (или зголемени шанси за критички удари од зад грбот). Собирате три вида ресурси. Едниот вид во помага за купување работи за време на ранот, а другите две за отклучување трајни способности при сите ранови.
Механиките се осмислени на фер начин и грешките кои би ги направиле би биле од ваше невнимание. По одредено време, навистина ни се допадна флуидноста на движењето, како во истражување на мапите, така и при пресметките со непријателите кои, патем се одликуваат до уникатни движења и напади (уживавме во првичните средби и откривање на нивните способности). Босовите се приказна за себе и предизвикувачки спектакл од избегнување удари и темпирање на вашите движења.
Трите универзуми се богато дизајнирани и доволно различни еден од друг, но, мора да признаеме дека по неколку ранови, престанавме да бидеме импресионирани и од дизајнот и од палетата од студени бои. Во подоцниот дел од играта, посакувавме поголема разноликост, особено при секое наредно генерирање на мапата која, премногу потсетување на секоја претходна. Музиката, иако ограничена во бројката, одлично се вклопува во целиот универзум и динамично се менува при промена од истражување во битки, и обратно.
Без сомневање, Trinity Fusion е една од најдобрите акциони roguelite/ metroidvania игри кои излегоа годинава. Авторот на овој текст никогаш не бил фан на вакви игри, но апсолутно уживање во насловот на Angry Mob. Се надеваме дека ќе уживате и вие! :)
Повеќе детали за играта
- Произведува: Angry Mob Games
- Издава: Angry Mob Games
- Жанр: акција, платформер, roguelike
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 15 декември 2023