Ова е гостински текст од агенцијата за маркетинг и адвертајзинг squareONE, кој е дел од IT.mk серијалот тeкстови на тема маркетинг, дизајн и дигитални медиуми.
Визуелниот впечаток во однос на читливоста на текстот во дигиталните содржини има големо влијание врз корисничкото искуство. Затоа, типографијата е еден вид начин на комуникација со корисниците. Хун Ким, познат гуру во графичкиот дизајн во своја позната изјава има кажано:
„Типографијата е видлива, но во исто време и звучна. Ако имате одлично сценарио, сега е време да ги ангажирате најдобрите актери.“
Типографијата ја носи можноста да стане гласот на самиот дизајн. Соодветната типографија зборува сама по себе, поставувајќи го вистинскиот тон на расположение и ја пренесува вистинската целна порака до крајните корисници.
За да креираме дизајн лесен за употреба, сите елементи треба да бидат добро организирани и јасни за навигација. Дизајнерите се оние кои поставуваат соодветна структура преку воспоставување на визуелна хиерархија. Таа структура ги организира сите визуелни елементи, така што корисниците би можеле лесно да ја согледаат содржината.
Визуелната хиерархија може да се подели на различни делови. Еден од нив се однесува на текстуалните елементи и се нарекува типографска хиерархија. Целта е да се организираат содржините на текстот со тоа што ќе се поделат на различни типови, како што се наслови, поднаслови, главен дел, објаснувања и други. Разликите помеѓу овие видови текстови може да се диференцираат преку изборот на семејството, големината, ширината и боите на фонтовите.
Јасната типографска хиерархија го прави текстот читлив и лесен за брзо прегледување, а го олеснува и начинот со кој се потенцираат клучните делови од текстот за да се привлече вниманието на корисниците.
Кога станува збор за избор на фонт, од клучно значење е контекстот на текстот и потенцијалната таргет публика. Секој фонт носи свое расположение во неговиот изглед.
Пред да избереме фонт, треба да ги научиме целите на нашите клиенти, како и потребите и преференциите на целната публика. Визуелниот изглед на фонтовите влијае врз првиот впечаток што корисниците го добиваат од производот. Ако одреден вид фонт не одговара на расположението кон кое цели производот, истиот може да биде погрешно интерпретиран.
Понекогаш, кога дизајнерите имаат цел да ги покажат сите аспекти на дигиталниот производ, тие се обидуваат да користат многу различни стилови и фонтови во еден дизајн. Како резултат, тие добиваат дизајн преоптоварен со непотребни детали и дизајн во кој недостасува соодветниот карактер.
Експертите обично се обидуваат да го задржат бројот на фонтови во рамките на еден или два. Ова овозможува да создадеме суштински контраст помеѓу елементите на текстот заедно со зачувување на рамнотежата и вистинската порака на дизајнот. Примената на различни стилови како bold или italic исто така треба да биде минимална. Тие се добри за нагласување на важни делови од текстот, но прекумерната употреба може да предизвика неред во однос на визуелноста.
Нивото на “legibility” многу зависи од тоа колку простор има помеѓу буквите, зборовите и линиите на текстот. Tracking, kerning и leading се процеси за прилагодување на белиот простор помеѓу типографските елементи.
Недостатокот на бел простор може да резултира со слаба читливост на содржината на текстот, затоа што е тешко да се разликуваат зборови што се наоѓаат премногу блиску еден до друг. Соодветен бел простор носи визуелно олеснување на очите на корисниците и им овозможува лесно да преминуваат од еден збор на друг, од една линија на друга. Сепак, и белиот простор треба да се употребува претпазливо, бидејќи може да го наруши единството на текстот.
Типографијата е комплексна наука која се состои од многу правила и прописи. Оние кои што ги употребуваат, можат лесно да создадат чиста правилна типографија. Сепак, тоа не е доволно. Клиентите секогаш бараат оригиналност и емоција што не може секогаш да се направи само со следење на писмените правила.
Дизајнерите никогаш не треба да ги потиснуваат своите уметнички души. Имагинацијата и чувството за убавина ја носат уникатноста во секој дизајн, дури и во најобичниот. Пронајдете рамнотежа помеѓу строгите правила и невообичаените избори и резултатите може да ве изненадат вас и вашите клиенти.