По неколку-годишна работа, девелоперот зад Common Blob ја исфрли PvP FPS играта Tim Climpy’s Warfair.
Брутална акција во шаренолико опкружување
Tim Climpy’s Warfair е пукачка игра во прво лице, од натпреварувачки карактер. Се работи за игра која е првенствено замислена да се игра против други вистински играчи, во режими како Free-For-All, Team Deathmatch, Capture the Flag, Hold the Line, Gunrace, и Kill Confirmed. Секој од режимите може дополнително да се промени со одредени параметри. На пример, со Chunk станувате поголем секојпат кога ќе убиете некого, а со Hardcore се одстранува мапата и показателите за здравјето и бројот на куршумите, со што се добива попредизвикувачка перспектива.



Првично, играта навлезе во раниот пристап на Steam со 4 мапи, 100 опции за промена на изгледот и 12 оружја. Со излегување од раниот пристап, Tim Climpy’s Warfair може да се пофали со 12 мапи, скоро 300 опции за промена на изгледот, 27 оружја, целосна компатибилност со Steamdeck, подобрени перформанци, поддршка за DLSS и FSR3 и ред други системи, како целосно нов систем за временски услови, поуникатен приказ на небото и водата, како и можности за промена на времето (ден-ноќ).

Моментната верзија на Tim Climpy’s Warfair е стабилен и релативно забавен продукт кој ви дозволува и да возите најразлични превозни средства, како автомобили, тенкови, авиони и хеликоптери. Со секоја одиграна партија, ќе можете да се надградувате, како и да отклучувате нови предмети, скинови, (додатоци за) оружја, и слично. Ни се допадна и тоа многу работи во околината можете да уништите, а и што на секоја од мапите и преку секој од режимите можете да навлезете со ботови (што поради вежбање, а што и поради инстантно зголемување на егото).

Авторот зад Tim Climpy’s Warfair објаснува дека неговата работа со играта никако не завршува тука и дека ќе продолжи и понатаму да ѝ биде посветен, особено во поглед на исфрлување дополнителни содржини за играта. Времето ќе покаже колку популарна ќе биде играва и дали таквото нешто ќе се исплати на Common Blob. Она што ние го видовме во играта ни се допадна и топло го препорачуваме насловот доколку имате потреба од малку поразличен PvP шутер.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Common Blob
- Издава: Common Blob
- Жанр: FPS,PvP
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 8 јануари 2024







