Првенствено, The Thing е исклучително стар филм од 1982-та година. Играта заснована на филмот излегува дури 20 години подоцна, во 2002-та година. На времето, за играта се зборуваше дека применува револуционерни и невидени механики кои допринесуваат до крајно имерзивно искуство. И навистина, тоа време многу мал број игри успеваа детално да се посветат на контролирање сопатници и водење сметка за нивното ментално здравје. The Thing: Remastered излезе пред недела дена и е римастер на таа игра. Но, како се игра игра од 2002 во 2024?

The Thing: Remastered се надоврзува на настаните кои се обработуваа во филмот. Поради тоа, особено препорачуваме да го имате одгледано филмот пред да започнете со играта.
Во римастерот играте со Блејк и сте одговорни за тим од специјалци. Но, проблем е што се наоѓате во исклучително, студено, мрачно и опасно место. Овие три фактори значително влијаат на вашето физичко и ментално здравје. Не можете да се задржувате надвор долго време, а вашиот тим од специјалци, како лекар, инжинер и војник се деликатни цвеќиња кои не можат да издржат многу проблематични ситуации.
Секоја ужасна или стресна глетка влијае на нивното метално здравје и доколку забележите одредена реакција кај нив, потребно е да ги извлечете од просторијата, да им дадете нешто што ќе ги утеши, како оружје, и слично. Доколку не успеете во намерата да ги смирите, па, ве очекуваат неколку непријатни изненадувања. Паралелно со ова, секој од тимот ќе ви помага за одредени работи. Па така, лекарот може да лечи, инженерот може да поправа работи, и слично.

Низ десетчасовната кампања ќе поминете низ дваесет левели и ќе се соочите со најразлични монструозни суштества и непредвидливи ситуации. Сите овие работи допринесуваат до уникатно и впечатливо искуство.
Но, The Thing: Remastered е сепак игра од 2002 година. Како таква, играта е пропратена со истите главоболки кои се препознатливи од тој период. Имено, никој не ве држи за рака и принудени сте често да скитате за да некако, обично на среќа, наидете на целта.
Приказната многу сака да биде сфатена озбилно, но одредени ситуации и лошата глума негативно влијаат на имерзијата. Згора на тоа, одредени движења, анимации и пресметки би можеле да бидат ценети само од постарите гејмери кои го започнуваат насловот од носталгични причини.
Ова е истата игра од 2002та година која е надградена од визуелна гледна точка, нудејќи 4K резолуција, Antialiasing, и подобро осветлување. Има одредени подобрувања во гејмплеј механиките, но се работи за суптилни и за многумина незабележителни надградби.

Сите овие работи што ги кажавме никако не ја прават The Thing: Remastered лоша игра. Но, најголемо уживање ќе извлечете од неа само доколку сте фанови на култниот филм/ игра или пак сакате да навлезете во тензично, невообичаено и предизвикувачко патување каде никој не ве држи за рака
Повеќе детали за играта
- Произведува: Nightdive Studios, Computer Artworks
- Издава: Nightdive Studios
- Жанр: акција
- Платформа: PC, конзоли
- Излезе на: 5 декември 2024