Redwall е долгогодишен серијал од познати книги за деца. Британскиот писател Брајан Жак има напишано 22 книги, во период од 1986 до 2011 година. Книгите успеаја да ги привлечат младите умови со богати фантазиски светови и харизматични антропоморфни животни.
Популарноста на книгите, кои се имаат продадено во 20 милиони копии, допринесе до релативно успешна телевизиска серија од 1999 година. А, додека се работи на филм и на дополнителна телевизиска серија од Нетфлиск, сега, се чини дека е на ред и на гејминг индустријата.
Дигитализација на сагата!
Достапна за PC и конзолите, The Lost Legends of Redwall™: The Scout Anthology е квалитетно дигитално остварување во форма на наративна авантура.
Играта може да се пофали со интересна приказна која одлично се вклопува во универзумот на Брајан, но и со бројни уникатни гејмплеј механики. Првата таква механика е поврзана со бројните мириси кои се шират низ живописните локации. Имено, вие како глувче, ќе можете да ги регистрирате и препознавате бројните мириси за да можете полесно да избегнувате опасни ситуации.
Се работи за таканаречениот scout систем кој користи честички кои реагираат на ветрот и околината за да симулираат реалистични струи и концентрации на силни мириси.
Студиото се има потрудено и да понуди забавни платформски можности, особено кога се работи за качување по карпи, нишање лево-десно или пак за провлекување низ бројни пукнатини.
Со оглед на тоа дека сте глувче, прикрадувањето исто така игра голема улога, особено кога ќе бидете опколени од најразлични непријатели. Системот Scout пак стапува на сила и мора да внимавате и вие како се движите за да не бидете „намирисани“, а со тоа и откриени.
Иако антологијата алудира повеќе на игра за помладите, авторот на овој текст апсолутно уживаше во истражување на преубавите места и разговарање со бројните ликови.
Приказната е внимателно осмислена; сите три поглавја кријат бројни неочекувани и длабоки пресврти, а ни се допадна и тоа што на ликовите им се позајмуваат гласови од искусни актери. Паралелно со ова, имате и бројни загатки и споредни приказни испреплетени со неочекувани мистерии.
Во случај да имате дечиња околу вас и да сакате да поминете квалитетен викенд со нив, The Lost Legends of Redwall™: The Scout Anthology е одлична можност за споделување заеднички и впечатливи моменти.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Soma Games
- Издава: Forthright Entertainment
- Жанр: авантура, платформер
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 20 февруари 2024