Вештачката интелигенција (ВИ) го револуционизира светот на програмирањето. Без сомневање алатките како Copilot, Claude и GPT генерираат код побрзо од кога било, но колкава е цената и кој ја плаќа?
Во супер интересен блог пост со наслов „Новите програмери јуниори не знаат да програмираат“, Namanyay кој е искусен програмер, објаснува дека жртва на потрагата по продуктивност се јуниор програмерите. Тие, користејќи ги овие алатки, развиваат површно разбирање на кодот што го користат.
Јуниор програмерите честопати имаат проблем да објаснат зошто нивниот код функционира на одреден начин, или да предвидат потенцијални проблеми и „edge cases“. Ова според Namanyay, укажува на недостаток на основa, која порано се стекнувала преку макотрпно решавање на проблеми. Денес, младите програмери имаат лесен пристап до решенија преку алатките за ВИ, но тоа не значи дека навистина учат.
Пред само неколку години Stack Overflow беше главен и речиси единствен ресурс за програмерите. Најчесто, без разлика кој е проблемот можеше да бидеме сигурни дека не сме први кои се среќаваат со него. Брзо пребарување на Google ги филтрира резултатите и во нив ги пребаруваме оние од Stack Overflow. Иако и тие на некој начин беа инстант решение, често доаѓаа со дополнителни објаснување. Плус, ако имавте навистина среќа имаше неколку решенија, па луѓето кои ги понудиле убаво ги објаснуваат предностите. Денес, со помош на алатките за вештачка интелигенција, добиваме одговори уште побрзо. Но, за жал честопати го пропуштаме контекстот и разбирањето на проблемот.
Како да бидете подобри програмери во ера на вештачка интелигенција
Користењето на вештачка интелигенција не значи само по себе дека сме лоши програмери. Вештачката интелигенција е одлична алатка и може да ја користиме за да го продлабочиме нашето знаење.
- Користете ја ВИ за да научите повеќе: Кога вештачката интелигенција ќе ви понуди решение, не го прифаќајте здраво за готово. Разберете зошто функционира, разгледајте алтернативни решенија и обидете се да го разберете кодот на подлабоко ниво. Користете ја вештачката интелигенција, барајте одговори и споредувајте ги понудените решенија.
- Најдете ја вашата заедница: Во минатото размената на мислења и знаење со програмерската заедница беше клучно. Покрај вештачката интелигенција, заедницата е најважна и денес. Кога ќе можете вклучете се во локални или онлајн групи на програмери. Разговарајте за проблемите, споделувајте искуства и учете од другите. Размената на идеи е клучна за развојот. Ако не може да најдете заедница локално најдете ја онлајн. Има куп групи на Reddit, Facebook или Discord со членови кои може да ви помогнат.
- Правете детални прегледи на код: Понекогаш е доволно кодот да работи, но најчесто ова не е олку едноставно. Во рамките на компанијата, разговарајте за различни пристапи. Со останатите програмери анализирајте ги предностите и недостатоците на секое решение и дискутирајте зошто е избрано токму даденото решение.
- Програмирајте сами: Кога знаете како сѐ функционира, позајмувањето на дел од код не е проблем. Сепак, за да разберете како навистина функционираат некои сложени системи, обидете се да ги изградите сами. Дури и да не успеете да направите добро решение, овие проекти ќе ви помогнат да го разберете секој дел од кодот и да стекнете вредно искуство.
- Не заборавајте на Stack Overflow: Иако се користи помалку од порано, Stack Overflow сѐ уште е одличен извор на информации и дискусии од искусни програмери.
Користењето на вештачка интелигенција е започнато, и никако нема да забави. Наместо ова искористете ги овие алатки да ви помогнат да го продлабочите своето знаење и да ги подобрите своите вештини.