Thank Goodness You’re Here!, развиена од независното студио Coal Supper и издаден од Panic, претставува уникатен хибрид од апсурдна комедија и авантуристичка игра. Доколку имате едно слободно попладне кое сакате да го поминете со впечатлива и релативно кратка игра, тогаш Thank Goodness You’re Here! е вашиот идеален избор!
Дејството е сместено во фиктивното, бизарно гратче Барнсворт во северниот дел на Англија. Тука, вие ја преземате улогата на патувачки трговец кој пристигнува на важен состанок со градоначалникот. Арно ама, наместо одговорно да си чекате да започне состанокот, вие станувате инстантно вовлечени во серија чудни ситуации поврзани со локалното население. Добредојдовте во вашиот прв slapformer – жанр кој ги заменува традиционалните механики на скокање со комично удирање и интеракција со околината.

Насловот кој има 96% позитивни рецензии на Steam, неодамна стана достапeн и за корисниците на Xbox конзолите.
Визуелниот идентитет на играта е еден од нејзините највпечатливи и најдискутирани аспекти бидејќи се потпира на живописна, рачно цртана анимација која силно потсетува на класичните британски стрипови и анимирани цртани. Естетиката беспрекорно ги спојува сегментите на истражување од птичја перспектива со странично скролувачки акциони вињети, создавајќи свет служи како клучна алатка за раскажување на приказната. Каде и да се свртите, секој агол на Барнсворт крие визуелни шеги и шармантни ликови.

За потребите на светот и ликовите Вил Тод и Џејмс Карбат црпат инспирација од сопственото детство и локалниот фолклор
Thank Goodness You’re Here! намерно избегнува сложени системи на управување, инвентар или тешки загатки, фокусирајќи се наместо тоа на истражување и експериментирање преку едноставни интеракции. Главната механика се состои од удирање предмети и луѓе за да се предизвика реакција или да се реши проблем, што често води до непредвидливи и хумористични резултати. Како што ви ги завршувате задачите, кои варираат од секојдневни активности, па сè до целосно надреални патувања низ астрални димензии, така градот динамично се менува и отвора нови области. Ваквата квалитетна изведба прави да мислите дека светот не стои во место, туку навистина се менува, иако, на крајот на денот, сепак се работи за болно кратко времетраење на целокупното искуство.

Особено ни се допадна употребата на автентични дијалекти од северна Англија. Без нив, светот не би можел да се вистински истакне и да се здобие со специфичен, локален идентитет, нешто што ретко се среќава во видеоигрите. Немаме никаква замерка за глумата која е предводена од познати имиња како Мет Бери. Нивната препознатливая интонација совршено се вклопува во хуморот кој е длабоко вкоренет во британската култура на двосмислени значења и социјален апсурд. Музичката подлога, пак, успешно балансира помеѓу комичното и неочекувано емотивното, надополнувајќи ја ексцентричната, банална и целосно бизарна нарација.

Thank Goodness You’re Here! е, без сомневање, вистинско уметничко дело кое одамна успеа да го привлече вниманието на критичарите, па дури и да ја зграпчи БАФТА наградата за најдобра британска игра. Како огромни фанови на британската култура и хумор, особено ни се допадна специфичниот хумор, опсипувајќи не со освежувачко и уникатно искуство кое отстапува од стандардните норми на индустријата. Доколку никогаш не сте ја играле во Thank Goodness You’re Here! а имате Xbox сега е вистинско време да се втурнете во незаборавна авантура која има за извоз и шарм и стил и квалитетна доза на хумор.








