Дали би сакале да ги измерите вашите мисловни и когнитивни способности и да го заработите вашето право за флексање кон останатите?
Human Benchmark е веб сајт кој се одликува со бројни тестови кои, користејќи различни параметри, ги мерат вашите мисловни и когнитивни способности. На располагање ги имате следниве тестови:

- Reaction Time ги тестира вашите визуелни рефлекси
- Sequence Memory ја тестира вашата способност да запомните што е можно подолги шеми
- Aim Trainer тестира колку брзо можете да ги погодите метите
- Number Memory проверува кој е најдолгиот број што можете да го запомните
- Verbal Memory тестира колку зборови можете да задржите во вашата краткорочна меморија
- Chimp Test, верувале или не, проверува дали сте, всушност, попаметни од шимпанзо (не сакаме да одговориме како ние поминавме тука).
- Visual Memory проверува до кој степен сте способни да помните квадрати на прогресивно растечка табла.
- Typing, од друга страна, проверува колку зборови во минута можете да напишете.

Тестовите се засновани на едноставни принципи, но се особено интересни не само за проверка на вашите рефлекси, меморија и мисловна опсервација, односно когнитивно перципирање, туку и за вежбање на истите. Наместо пилули за подобро паметење, секојдневно поминување време во некој од овие оддели знае да влијае позитивно на вас. Да не нѝ споменуваме колку е интересно кога се игра во група со пријатели.
Единствена замерка упатуваме кон агресивното пласирање реклами. Апсолутно разбираме дека од нешто мора да се живее, но кога се работи за тестирања/ игри од ваков карактер, огромни светлечки реклами знаат и тоа како да влијаат на вашите финални резултати.