Најголем број од поплаките на потрошувачите се однесуваат на непочитување на правото на гаранцијата на техничките производи, вели Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ). Во последниот извештај за јули, август и септември се наведени 394 поплаки и советувања, од кои повеќето се однесуваат на непочитување на гаранцијата на мобилните телефони.
Од организацијата потенцираат дека „повторно“ доминираат поплаките за мобилните телефони при што во „скоро сите случаи мобилните телефони се сервисираат до три пати, согласно законското ограничување“. Најчестите поплаки од потрошувачите е дека овластените сервисери не им ги поправаат телефоните, туку ја префрлаат вината кај нив одговарајќи дека се работи за мешаничка оштета што не е вклучена во гаранцијата. Друг проблем е што потрошувачите не добиваат замена на телефонот иако пријавуваат недостатоци на производот во првите 24 часа, туку мора да го испратат на сервисирање.
Покрај телефоните, поплаки има и за другите технички производи како малите кујнски апарати кои според потрошувачите се расипуваат во првите два месеци, по што следат континуирани сервисирања кои скоро секогаш траат по 30 дена.
„Апелираме до потрошувачите, во вакви случаи да бараат продолжување на гарантниот рок, поради тоа што согласно Законот за заштита на потрошувачите, гарантниот рок на производот се продолжува за онолку време колку што истиот е на сервисирање. Потрошувачите секогаш мора да бараат да им биде даден сервисен налог со точни датуми на предавање и примање на производот, што е единствен доказ за исвршеното сервисирање“.
Има поплаки и во телекомунакциската индустрија, каде корисниците најмногу се жалат за преголеми сметки за интернет и роаминг услуги за кои велат дека не ги користеле.