Напредокот на очилата за проширена реалност можеби досега не ги носи сите придобивки на кои се надевавме кога прв пат го видовме Project Glass. За среќа од време на време може да видиме нови уреди и примена, на која можеби не сме ни помислиле, а сепак е импресивна.
Апликацијата XRAI Glass има единствена примена. Ги претвора очилата за проширена реалност во помошно средство за лицата со оштетен слух. Кога корисникот ќе ги стави очилата може да го види разговорот пред неговите очи. Она што неговите соговорници го изговараат, на очилата се прикажува како титлување.
Телефонот на кој е инсталирана апликацијата засега се поврзува со Nreal Air Augmented Reality Glasses. За разлика од поголемиот дел од очилата за проширена реалност, Nreal наликуваат многу повеќе на очила за сонце отколку на „футуристички маски“ на кои сме навикнале. Можеби за дел од лицата без проблеми со оштетен слух оваа технологија не изгледа како преголема придобивка, но разговорот во живо е само дел од можностите. Корисниците ќе можат да „слушаат“ дури и кога говорникот нема да биде свртен кон нив. На пример, ќе можат да одат на театар, да гледаат пренос на настан на телевизија, да разговараат додека сецкаат зеленчук.
Развој на очилата започна пред една година на фамилијарниот дочек на Божик на семејството Скарф. Браќата Ден и Тим ја добиле идејата од својот дедо Питер. Питер речиси во целост го изгубил слухот, и поради тоа не можел да учествува во разговорите. Самата идеја дошла од телевизорот и титлувањето на екранот.
„Тој постојано гледа телевизија со титлови. Зошто да не ги споиме двете работи заедно? Зошто да не овозможиме титлување во реалноста?“, вели Ден во интервју за Action News.
За 7 месеци браќата успеале да креираат прототип. По само 4 месеци од прототипот, креиран е и првиот комерцијален уред.
Очилата доаѓаат со 7 микрофони кои детектираат звук од околината. Како процесор за обработка се користи паметен телефон. Телефонот е поврзан со очилата и звукот од микрофонот се префрла на обработка. Транскрипцијата на звукот се прави во облакот и потоа текстот се враќа назад како титл во проширената реалност.
XRAI Glass може да се користи и кај повозрасните кои само што го загубиле слухот. Загубата на слухот може да доведе до изолирање и депресија, и до деменција.
Освен како помагало за слух, очилата може да се користат и како преведувач. Во моментот софтверот препознава 9 јазици и може да преведе и прикаже текст на било кој од нив.
Очилата се достапни во продажба на Amazon и чинат 380 американски долари. Засега апликацијата е достапна единствено на Android уредите, а производот на почеток е достапен единствено во Велика Британија.
Не е сè добро
За жал и покрај потенцијалот на технологијата треба уште да се работи. XRAI Glass не работи добро во погласни простории и во ваков простор има проблеми со точната транскрипција. Дополнително иако основната примена која овозможува неограничено титлување и еден ден чување на разговорите е бесплатна, за покорисен модел се плаќа.
Премиум претплатата чини 20 долари месечно и овозможува персонализација на интерфејсот, 30 дена чување на разговорот, атрибуција на различни гласови на различни говорници во време од 10 часа. За 50 долари временските ограничувања се отстранети, a корисникот добива и сопствен асистент со вештачка интелигенција.







