Британецот Нил Харбисон е првиот човек кој во својот пасош е сликан со дополнителна опрема закачена на главата која, како што вели, „ги продолжува нашите можности, нашето знаење и перцепција за реалноста“. Г. Харбисон е уметник сместен во Барселона, но и далтонист кој го гледа светот само во нијанси на сиво. Таканаречениот „eyeborg“ уред му помага да ja гледа реалноста исто како и сите нас; да може да ги препознае боите на семафорот и знаците кои предупредуваат за опасност, но и да ја препознае естетиката на околината што го мотивирало да биде артист.
„Чувството дека си киборг е постепено“, вели г. Харбисон за Dezeen. „Прво, се чувствуваш дека eyeborg ти дава информација, потоа дека ти дава перцепција, и после некое време дека ти дава чувства. Кога почнав да чувствувам бои и да сонувам во боја, тогаш се почуствував дека продолжението е дел од мојот организам“.
Со сликањето за пасош г. Харбисон успеа да го направи тоа што на другите киборзи не им успеа. Познатиот професор Стив Ман кој има вградени очила со проширена реалност во својата глава, беше принудуван да ги отстрани пред да се слика за пасош и други официјални документи. Тие мали слики иако изгледаат како безвезно мерило за интегрирање на технологијата во телото, сепак се официјален документ кој го признаваат сите влади. Со таков документ киборзите ќе можат да влегуваат и во згради и институции каде често притапот со помошните уреди им е забранет од безбедносни мерки. Такви случаи има и со Google Glass кои ја прошируваат комерцијалната употреба на уреди со проширена реалност, иако тие се сепак само додатоци како паметен телефон, но не и официјални помагала или дел од киборзите.
Следниот чекор за киборзите вели г. Харбисон е да се изборат за своите права. Тој во 2010-та година ја основа Cyborg Foundation чија цел е да се бори „да им помогне на луѓето да станат киборзи“, но и за продолжување на правата на киборзите да се движат слободно насекаде.
„Ќе престанеме да ја користиме технологијата како алатка, и ќе почнеме да ја користиме како дел од нашето тело“, вели Г. Харбисон.







