HelpMark.Me е одлична апликација која многу помогна со поплавите во скопското подрачје. Сега Systems for Enterprise ја прилагодија апликацијата и за Грција.
„Искрено се надеваме дека нашата платформа ќе им овозможи на сите хумани луѓе брзо и лесно да ја понудат својата помош и да покажат солидарност со жртвите на оваа катастрофа. Во моментов таа им е најпотребна на атињаните. Се надеваме дека вакви катастрофи ќе не избегнат во скора иднина и нема да треба да ја преведуваме апликацијата на некој друг јазик” – вели Стефан Митески од Systems for Enterprise.
Откако ја прилагодија апликацијата, малку им е потребна и нашата помош. Споделувајте ги линковите до апликацијата HelpMark.Me – GR и помогнете да стигне каде што е и најпотребна, до уништените објекти околу Атина. Ова секако се луѓето во Грција кои ќе можат да ја искористат апликацијата.
Сервисот има за цел да го олесни помагањето во подрачјата погодени од непогоди. Мотивација за сервисот беше поплавата која го погоди скопскиот регион и лошата комуникација помеѓу локалните власти и доброволците. Тимот на System4Enterprise помагаше на местото и оттаму се роди и идејата за сервис кој ќе е погоден за собирање на податоци за потребите на настраданите.
HelpMark.Me е едноставна за користење и овозможува едноставно пријавување на локација на која е потребна помош и вид на помош која е потребна.
Како функционира HelpMark.me – GR ?
Слично како и македонската верзија. Локацијата на која се наоѓаат луѓето се добива преку GPS координати. Потоа корисникот одбира што е потребно, на пример: лекови, храна, облека и слично. Дополнително, корисникот може да остави белешка, на пример дека облеката е за три годишно дете.
Волонтерите ги гледаат овие маркери и можат да се пријават за опслужување на истите. Ако некој се пријави за опслужување на маркерот, истиот ќе биде со статус “има пријавено”. Доколку во рок од 12 часа маркерот не е опслужен, истиот се враќа во статус “потребна помош”. Кога маркерот ќе биде опслужен истиот се брише од мапата.