Зошто да ја играте?
- Симулација која се целосно фокусира на релаксирачки гејмплеј механики
- Грижење за животни, одгледување култури и продажба на намирници
- Преубав свет со шармантни анимации и суптилна музичка подлога

Преку глава ви е од стрес и барате игра во која ќе можете да се релаксирате и да се фокусирате на позитивните страни поврзани со фармерството?Инспирирана од класичните игри Harvest Moon, Sugardew Island – Your cozy farm shop има за цел да достави познато, но поедноставено земјоделско искуство и да нагласи гејмплеј механики во кои стресот е збор на минатото.

Светото тројство во Sugardew Island: земјоделство, чување животни и управување со продавница
Во шармантната, фантастична атмосфера полна со слатки анимации, Sugardew Island ќе се потруди да понуди нежна и едноставна симулација на земјоделство, ќе ви дозволи да управувате со земјоделска продавница и целосно да го ревитализирате малиот остров. За да вдахнете нов живот во островот, ќе одгледувате култури и животни, но и ќе исполнувате најразлични нарачки од локалното население.
Садите семиња, ги наводнувате и чекате да се оформи плодот за да го продадете во продавницата
Доколку сте играле слични игри, точно знаете што да очекувате од најновата игра на малиот инди тим – rokaplay. Во Sugardew Island – Your cozy farm shop ја истражувате територијата, собирате дрво, кемен и слични ресурси, користејќи ги потоа за најразлични надградби на фармата. Паралелно со ова, се вклучувате во традиционални земјоделски активности како садење и берба на култури, производство на ѓубриво и продажба на финалните продукти.

Вие ги оформувате цените во продавницата, но мора да ги балансирате работите доколку сакате да извлечете максимални профити
Продажбата ја вршите во вашата посебна продавница и секоја нарачка што ќе ја направите со шумските луѓе, ќе ве одведе поблиску до развивање благосостојба на островот. Покрај горните работи, ќе можете и да се грижите за животните. Вашето внимание кон нив, ќе ве награди со квалитетни јајца, млеко и волна. Не треба премногу да се грижите за животните – доволно е само да ги раните често и ќе имате константен прилив од нивните добра
Намирниците од кравите, кокошките и овците можете да ги продадете или да ги искористите за да направите повреди производи
Нема никакви временски ограничувања или притисок да завршите нешто што е можно побрзо. Работите она што сакате – како сакате. Имајте во предвид дека почетокот може да биде малку спор и ограничувачки, со многу интересни работи и механики заклучени зад минималистички грајнд. Згора на ова, посакувавме да има некоја приказна или поголема значајна наративна интеракција помеѓу ликовите.

Играта има добро демо кое точно ќе ви покаже дали е ова игра за вас!
Sugardew Island – Your cozy farm shop нуди шармантно и релаксирачко искуство со симулација на земјоделство, идеално за играчи кои бараат бегство од стресни ситуации. Фокус на едноставни механики, пријатна атмосфера и носталгична инспирација ја прави играта да биде потенцијално привлечна опција за љубителите на жанрот.




Повеќе детали за играта
- Произведува: rokaplay
- Издава: rokaplay
- Жанр: релаксирачка игра
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 7 март 2025