Google оваа недела значително го олесни пристапот до моќна вештачка интелигенција. Компанијата го отвори пристапот до Deep Research за сите. За користење на функционалноста претплатата повеќе не е неопходна, а функционалноста е достапна на 45 јазици.
Deep Research е алатка која ги олеснува сложените истражувања. Алатката има за цел да го поедностави и забрза истражувачкиот процес, овозможувајќи им на корисниците да добијат детални, но лесни за разбирање извештаи за сложени теми. Функционалноста најпрво создава план за истражување, а потоа самостојно пребарува на интернет за релевантни информации. Потоа, вештачката интелигенција ги анализира овие информации и генерира сеопфатен извештај кој е лесен за читање. AI алатките можат значително да го скратат времето за истражување и анализа на податоци. Ова ја прави вештачката интелигенција супер корисна за студенти, истражувачи, новинари и за сите кои бараат брз и ефикасен пристап до веродостојни информации.
Функцијата Deep Research, која досега беше достапна само за претплатници на Gemini Advanced, сега е отворена за сите корисници. Оваа алатка овозможува генерирање на длабински, но лесно разбирливи извештаи за сложени теми. Со надградбата на моделот Gemini 2.0 Flash Thinking Experimental, Deep Research станува уште побрз и поефикасен, способен да обработува и анализира огромни количини на податоци побрзо. Оваа надградба е особено значајна бидејќи овозможува подетални и попрецизни истражувања, што е клучно за академски и професионални цели.
Ако функционалноста ви изгледа позната, тоа е бидејќи не е уникатна за Gemini. Голем дел од конкурентите, од OpenAI до кинескиот DeepSeek веќе претставија вакви функционалности.
Персонализирани одговори и во Gemini
Покрај ова Google воведува персонализација на Gemini. Ова е експериментална функција која му овозможува на четботот да ги прилагодува одговорите врз основа на историјата на пребарување на корисникот. Со оваа функција, Gemini станува еден вид на личен асистент кој ги разбира преференциите и потребите на корисниците. Ова ќе овозможи дапрезентира порелевантни информации за корисниците. На пример, ако корисникот бара ресторани, Gemini ќе ги земе предвид сите претходни пребарувања на корисникот за храна и ќе му предложи места кои најмногу одговараат на неговиот вкус. И оваа персонализација е поддржана од Gemini 2.0 Flash Thinking Experimental. Ако идејата да ги споделувате податоците со Gemini не ви изгледа примамливо, добра вест е дека функционалноста може да се исклучи, а корисниците имаат целосна контрола врз своите податоци.

„Со ваша дозвола, Gemini сега може да ги прилагоди своите одговори врз основа на вашите минати пребарувања, заштедувајќи ви време и давајќи попрецизни одговори. Во наредните месеци, Gemini ќе ја прошири својата способност да ве разбере со поврзување со други апликации и услуги на Google, вклучувајќи ги Photos и YouTube.“, пишува Google во својот блог.
Покрај овие две главни подобрувања, Google исто така објави дека сите корисници на Gemini сега можат да креираат персонализирани AI асистенти, наречени Gems, кои ќе ги задоволуваат нивните специфични потреби. Ова отвора нови можности за прилагодување на AI алатката според индивидуалните потреби и интереси.
Дополнително, Gemini 2.0 Flash Thinking Experimental моделот е интегриран во други Google услуги како Calendar, Notes, Tasks, Photos, YouTube, Search и Google Maps. Со ова Calendar, Notes, Tasks, и Photos се приклучија на веќе постоечките сервиси.